Беше дел од тимот за Талин. Но проблемите со коронавирусот не „му дадоа“ на Лука Савиќевиќ да „види“ како тоа изгледа и да играш за најдобрата македонска селекција. Но, ноември одамна помина, сега е февруари, ново „прозорец“ на ФИБА, и нова шанса за еден од најмладите во изборот на селекторот Александар Тодоров да го реализира својот сон – да заигра за сениорската репрезентација на Македонија.
Чувствуваш ли некоја трема, возбуденост, без оглед на тоа дека ова се твои втори подготовки со националниот тим во краток временски период?
„Трема не, сепак веќе одработив еден мини циклус со репрезентацијата и бев седум дена во Талин. Но да, возбуда постои секогаш кога си со репрезентацијата“
Покрај тебе, тука има уште некои млади кошаркари, како Митревски, сега и Симиќ, кои исто така одработија или се дел од овие подготовки. Се надеваш ли на први минути во националниот тим на претстојните мечеви во Перм?
„Секој од нас сонува за настап во сениорската репрезентација. На нас младите е да се бориме и да тренираме јако и да учиме од постарите, и од тренерите, секако. И верувам дека еден ден сите ќе имаме настапи за репрезентацијата“.
Како се снаоѓаш во дуелите со поискусните репрезентативни колеги. Добиваш ли некој „попуст“ во текот на играта, и оние ситуации во играта „пет на пет“ на тренинзите?
„Попуст секако дека нема, но помош има, сепак ова е репрезентација. И ние помладите во тимот доста учиме од нив. Треба малку време да се привикнеме, да ја поминеме таа прва фаза каде има трема, има возбуда. Но мислам дека добро се снаоѓаме и дека работиме напорно. Даваме сè од себе и дека добро се прилагодивме на оној сениорски дел од кошарката“.
Кои се твоите очекувања, поврзани со настапот на нашата селекција во Перм. Дали сметаш дека овој тим има сили да дојде до потребните победи во Перм, и догодина да биде дел од Евробаскетот?
„Атмосферата во тимот е одлична. И доколку сите го дадеме максимумот, се бориме, мислам дека ќе дојдеме до посакуваната цел, и дека ќе оствариме пласман на Евробаскетот. Ние како помлади напредуваме со тоа што играме со поискусните од нас. И учиме многу од нив. Нашата игра се сведува на тоа да внимаваме на многу мали детали. Да не се плашиме од дуели. Едноставно, да не се повлекуваме. Научивме доста работи од нив, и мислам дека доста напредуваме со овие заеднички тренинзи“ – вели еден од најмладите репрезентативни кандидати.