01.06.2020

„Договорот ми заврши и по две и пол години во академијата, време е за нешто ново“- порачува еден од најдобрите во генерацијата 2002

Лука Савиќевиќ: Време е за нова средина и уште поголеми предизвици!

Скоро шест години е дел од нашите младински селекции. Период во кој се промовираше како еден од носителите на играта на генерацијата на македонски кошаркари родени 2002 година.

Оваа година се најде и на оној поширок список на селекторот на „А-селекцијата“, Александар Тодоров. Иако не настапи за сениорскиот тим, тоа е сепак мотив повеќе за Лука Савиќевиќ да продолжи во еден ист ритам, кој и го донесе во една таква позиција - да биде многу блиску и до сениорскиот национален тим. Макар што во меѓувреме треба да го одработи и оној јуниорски, па и младински стаж во репрезентативните селекции.

Веројатно во еден друг тим од мадридскиот, каде ги помина последните две и пол сезони, уште еднаш во кариерата играјќи со генерација или две постари кошаркари.

Но тоа не му пречи да го покаже сиот свој потенцијал, квалитет...

А последните неколку месеци во шпанската престолнина ќе ги памети долго, навистина долго.

„Мојата пауза поради корона вирусот трае подолго време, бидејќи во карантин бев цели два месеца. Последниот натпревар ни беше на 8.март. Училиштата ги затворија на 9.март, но никој сè уште вирусот го немаше сфатено сериозно. Сите зборуваа дека прекинот ќе трае две недели и повторно дека првенството ќе продолжи. И ние трениравме уште неколку дена, но ситуацијата стануваше полоша. Кога во академијата сфатија дека прекинот ќе биде долго време и најпаметно ќе биде да се вратиме сите дома, за мене веќе не постоеше излез од Мадрид. На 2.април со првиот комерцијален лет успеав да слетам во Софија. Во Македонија бев во државен карантин 14 дена, потоа во самоизолација, па дома уште 14 дена и тоа беше најтешкиот период“- објаснува младиот кошаркар.

Што правиш, како ги користиш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?

„Никогаш во мојот живот не сум бил толку одвоен од топка и од кошарка. После тој карантин полека почнав да се враќам на рутината, колку што дозволуваше периодот без полициските часови. Почнав со одење, возење велосипед, пешачење на Водно и дома со вежби за тело. Одам и на маалското игралиште, наутро рано кога нема никој, да шутирам на кош”.

За првпат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска кошарка?

„Оваа сезона играв во М18, но и за сениорскиот тим. Па за викендите имав по два натпревара со 30 минути поминати во игра. Психичкиот момент не ми беше проблем, бидејќи неколку години наназад играм за постари генерации од мојата, 2002. Не знаев како ќе се носам со физичкиот момент. Сепак се работи за изградени играчи, постари по неколку години од мене. Може да се научи многу од играта во сениорска лига“.

Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?

„Штета што сезоната се прекина поради вирусот. Имавме одлична позиција на табелата и бевме спремни за плеј-офот и ‘финалните 4’ на ниво на Мадрид. Јас одиграв одлично, што може да се види од статистиките, имав и голема доверба од тренерите, потврда за тоа е и мојата минутажа“.

Поради пандемијата нема да го играте јуниорскиот Евробаскет?

„Најмногу ми е жал за ЕП оваа година. Требаше да играме со нашата 2002 генерација, со која пред две години освоивме третото место и влеговме во А дивизија. Имавме само два загубени натпревари. Оваа година сигурен сум дека ќе се реванширавме за тие два пораза, па можеби ќе освоевме и прво место. Имаме супер генерација, одлична хемија во екипата меѓу сите играчи и тренерите“.

Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?

„Најважно во следниов период за мене е да започнам со нормални тренинзи како би се спремил за новата сезона. Договорот ми заврши и после две и пол години во академијата, време е за нова средина и поголеми предизвици. Имам повеќе понуди за кои ќе одлучам во наредниот период. До почетокот на новата сезона, има доволно време.

Во оваа прилика би сакал да изразам голема благодарност до КФСМ за покажаната професионалност во однос на грижата кон мене како репрезентативец. Постојано беа во контакт со мене додека бев во Шпанија во карантин. Ми понудија и помош за враќање дома. Јас секако ќе се оддолжам со мојата игра во нашиот дрес, кој со гордост го носам веќе шест години, од најмалите генерации“- порачува Савиќевиќ.