Македонија не успеа да изненади резултатски на квалификацискиот турнир во Рига. Загубивме од фаворитите, прво од Хрватска, потоа од Германија. Но играчки, тоа беше една нова, сосема поинаква „приказна“ која ја „раскажаа“ нашите најдобри кошаркарки.
Далеку подобра во однос на претходната, но како што вели капитенот, и заедно со Девана Бонер, нашата најдобра кошаркарка на турнирот, Анџелика Митрашиновиќ, оваа селекција не го покажала последниот збор, напротив...
„Секако, со два пораза не можеме да бидеме задоволни, но со доста подмладен состав лично јас, но и останатите девојки сме среќни што прикажавме сосема друга слика во однос на претходниот прозорец. Покажавме дека можеме да играме со секоја репрезентација, и дека не се плашиме од никого“- ќе каже стрелецот на 30. поени против „горостасната“ Германија, дополнети со шест успешни додавања.
Очекува овој тим кој беше во Рига да биде уште подобар, особено ако се земе в предвид дека за наредниот циклус, многу извесно, на располагање ќе ги имаме Јелена Антиќ и Александра Стојановска, кои во овој момент се во процес на рехабилитација.
„Кога ќе се вратат Јелена Антиќ и Александра Стојановска ќе имаме уште подобра слика и поголеми очекувања. Морам да признаам дека со доаѓањето на Девана Бонер, пред сè како личност, и како играч, значи многу за секоја од нас“.
Во февруари, наредната година, следуваат уште два натпревари во квалификациите, со селекциите на Летонија и на Хрватска. Тоа е нова можност за докажување?
„Не се откажуваме. Се надевам дека во февруари со Јелена и со Александра во тимот ќе се избориме за две победи и ќе го вратиме респектот кон нас како една сериозна репрезентација“- порача Анџелика пред заминувањето од Рига за Скопје.