Не играше многу за нашиот националeн тим. Но сепак Мајкл Џозеф „Мајк“ Вилкинсон остави „свој печат“ во историјата на македонската сениорска репрезентација.
Високиот Американец со македонски пасош ги одработи евро-квалификациите во 2007 година. Одигра шест натпревари за нашиот национален тим. Ги заврши со просек од 6,7 поени, 7,7 скока и 1,3 асистенции.
Тоа ќе остане запаметено во историјата на нашиот кошаркарски спорт.
Исто како и она што му се случува деновиве.
Имено, крилниот центар на голем број европски клубови во богатата кариера, како Левски, Арис, Химки, Галатасарај, Локомотив Москва и Уникс Казан, доби големо признание откако дозна дека ќе биде примен во „Куќата на славните“ на Универзитетот Висконсин.
Вилкинсон студираше на овој колеџ од 2001 до 2005 година и во тој период постигнуваше по 14,3 поени по натпревар. Во својата последна сезона влезе и во идеалната петорка на Big Ten Conferencе.
Меѓу другото, стана само втор кошаркар во историјата на Универзитетот со барем 1.500 поени и 800 скока.
Кошаркарската федерација му го честита приемот на Мајк Вилкинсон во ова високо друштво, и му посакува сè најдобро во понатамошниот живот!