16.11.2020

Сосема поразлични се работите во нашиот женски национален тим, пред и после турнирот во Рига.

Македонија – една малку поинаква приказна

Две сосема различни, подобри слики на нашата женски сениорска селекција.

Во „првиот дел“ два и повеќе од убедливи порази, прво против Германија, а потоа и со Летонија.

Во вториот, оној турнирскиот, во Рига, уште два. Но малку поинакви, како што знае да каже селекторот Владимир Ѓоровиќ, кои не болат, и кои во исто време даваат потстрек за уште понапорна работа во периодот кој следува, оној до наредниот собир, во февруари, 2021 година.

Македонија, тоа е сега една малку поинаква кошаркарска слика во оној женски сегмент на европската кошарка.

Овие, два пати по 40.минути во главниот град на Летонија, покажаа дека Македонија може да биде „тука некаде“ блиску до оние најдобрите, дека може да парира на селекции кои извесно, ќе бидат дел од наредниот Евробаскет.

Покажаа дека со малку повеќе вложувања, резултатот не може да изостане. Да, ако се говори со „прости бројки“, запишани се уште два минуси на табелата од групата „и“. Но она што радува е прикажаното во дуелите со селекциите од кои реално сме послаби, но не и инфериорни како што некои сметаа(т) дека ќе бидеме.

Фактори има многу, и не треба да се паметува премногу ако се каже дека две кошаркарки направија целата оваа ситуација да изгледа европски.

Девана Бонер и особено Анџелика Митрашиновиќ ја донесоа таа толку посакувана промена. Да не бидеме повеќе „автомат за билдање“ на кош-количникот за противниците, туку да бидеме сериозно прифатени од истите.

Го „видоа“ тоа, почувствуваа и девојките од Хрватска, но и оние од Германија.

Што велат оние „суви бројки“, оние пред и после Рига?  

Во првиот „прозорец“, оној пред една година, Македонија даде 79 поени, или во просек помалку од 40 на двата меча. Од друга страна, примивме 203 поени, или повеќе од сто по натпревар.

Премногу, во секој случај...

Но сега е многу, многу поинаку. Во секој случај. На средбите со Хрватска и со Германија, избраничките на Ѓоровиќ реализираа 121 поен, или повеќе од 60 по натпревар, споредбено, половина повеќе во однос на оној претходен просек.

Освен тоа дозволивме противничките да реализираат 154 поени (77 по натпревар). Тоа е дури 49, или скоро по 25 поени помалку, поделени на по еден натпревар.

Сега, по четири одиграни натпревари во квалификациите, Македонија е на просек од 50 дадени поени, 32 скока, што е исто така респектабилна бројка, и 10.8 асистенции. Говориме за оние основни статистички параметри во еден тим, во овој случај национален.

 Девана и Анџелика, тандем за големи дела

Јасно е дека ангажманот на Девана Бонер и враќањето во националниот состав на Анџелика Митрашиновиќ се најбитните моменти од овој нов ноемвриски циклус.

Но не смее да се заборави дека покрај себе имаа и неколку други кошаркарки (Кметовска, Николиќ, Адамовска, Пејковска, и секако Трајчевска) кои се подредија на колективот во кој, сепак, во преден план е нашиот нов тандем.

Бонер веднаш покажа зошто е една од најдобрите и исто така најплатени кошаркарки во светот. Иако без многу тренинзи во нозете, во Рига дојде до двоен ефект од 17.поени и 14. скока (и 4.5 асистенции).

Уште подобри бројки се зад Митрашиновиќ. Велат дека против Хрватска и Германија оствари просечни 22.5 поени, најмногу во нашата селекција, и уште 4.5 успешни додавања до соиграчите, исто како и Бонер.

Што можеме да очекуваме во иднина?

Уште подобри игри, дури и во едни вакви корона-услови каде е тешко да се формира комплетен ростер.

Оној кој ние , пред сè, селекторот Владимир Ѓоровиќ и неговите соработници Срѓан Дамнјановски и Александар Ашаданов, го посакуваат, е во него да се најдат уште неколку сериозно важни, за нашиот тим, играчи.

Секако, под број 1, враќање на Јелена Антиќ, нашиот лидер во изминатата деценија. Комплетно опоравување и за Александра Стојановска, стандарден член на првата петорка на нашата селекција, активно присуство на Софија Лазареска, Драгана Јоловиќ, кои од здравствени причини не беа дел од оваа убава приказна која ја креираа девојките во „црвено-жолта“ комбинација на дресот наш, македонски.