18.11.2022

Двeтe победи во европските претквалификации ни донесоа дополнителни поени, но не и промена на ранкингот

Македонија е на 29. место на ФИБА европската рејтинг листа

Машката сениорска репрезентација на Македонија е на 54. место на светската рејтинг листа, објавија од ФИБА, по завршувањето на ноемврискиот ФИБА „прозорец“, односно по вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2025 година.

Двете победи во третото, односно во четвртото коло против селекциите на Норвешка и на Данска, условија Македонија да добие нови рејтинг поени. Сега имаме вкупно 204.3 бодови, доволни за нашата најдобра селекција да ја има и 29. позиција во рангирањето кога станува збор за европската зона на ФИБА.

Нашите успешни игри против двете селекции од Скандинавија условија и нивен сериозен пад на листата. Поразот од нашата, а потоа и од селекцијата на Словачка, значат и шест места подолу за селекцијата на Норвешка (сега се на 90. место во светски рамки), а нешто помал е „падот“ на Данска (назадуваат две места на ФИБА рејтинг листата за оваа календарска 2022 година).

Актуелниот светски првак, репрезентацијата на Шпанија, е лидер во светскиот поредок. „Црвената фурија“ има 758.6 поени со кои е пред неприкосновената САД (има 757.5 поени), пред Австралија, Аргентина и Франција кои се во ТОП 5.