Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска ги дозна и имињата на другите два противници кои ќе бидат дел од групата „Д“ во вториот круг од претквалификациите за пласман во главниот круг од квалификациската трка за место на Евробаскетог во 2025 година.
Ждрепката во Минхен, поточно раката на Аксел Ервел, еден од најдобрите кошаркари во историјата на белгиската кошарка, за ривали во групата „Д“, ни донесе две скандинавски селекции.
Репрезентациите на Данска и на Норвешка.
А согласно со одбраните натпреварувачки броеви, во првото коло, односно августовскиот ФИБА „прозорец“ (од 22. до 29. август, 2022 година), ќе играме против селекцијата на Данска.
Што се однесува до системот за натпреварување, селекциите се поделени во три групи по четири учесници. Екипите ќе играат со другите тимови во група (дома и на гости) преку три т.н. „прозорци“, во август и ноември 2022, и февруари 2023 година.
Датуми за одигрување на ФИБА „прозорците“ се:
4. прозорец: 22-29. август 2022 година (со натпревари на 25.август-четврток, и 28. август-недела).
5. прозорец: 7-15. ноември 2022 година (со натпревари на 10.ноември-четврток, и 13. ноември-недела).
6. прозорец: 20-28. февруари 2023 година (со натпревари на 23.февруари-четврток и 26. февруари-недела).
Првопласираната репрезентација од секоја од трите групи, плус Кипар како домаќин на Евробаскет 2025, ќе заработи место во квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
Преостанатите тимови од второто коло од претквалификациите на ФИБА Евробаскет 2025 ќе имаат шанса заедно со екипите од првото коло на претквалификациите за Евробаскетот 2025, да се натпреваруваат за преостанатите четири места во квалификациите за еврошампионатот (дома и на гости во јули 2023 година), а извлекувањето на двојките за третото коло ќе се одржи по завршувањето на вториот круг.
ГРУПА Д
МАКЕДОНИЈА
Словачка
Данска
Норвешка
ГРУПА Е
Хрватска
Полска
Австрија
Швајцарија
ГРУПА Ф
Португалија
Бугарија
Романија
Кипар