19.08.2024

Македонските младински репрезентации летово имаат просек на победи од рекордни 63% на успешност

Македонија има најдобар биланс на Европските првенства во последната деценија

Лето кое може да се каже дека е од оние „за паметење“, односно едно од најуспешните ако се земат в предвид настапите на нашите машки младински репрезентации.

Завршувањето на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ години овој викенд во Скопје, е добра основа за една кратка анализа на одработеното на оние наши селекции кои беа дел од евро-циклусот во ова лето 2024-то...

Она што доаѓа како во„преден план“ е податокот кој вели дека трите наши селекции кои беа пријавени за настап на Евробаскетот, со „заеднички сили“ дојдоа до резултат кој е најдобриот во последното десетлетие, а кога станува збор за оној младински сегмент во европската репрезентативна кошарка.

Македонските репрезентации летово остварија 14. победи, што не се случило никогаш порано, и тоа на 22. одиграни натпревари (14/8, 63%).

Досега гледано низ историјата, нашите тимови имале позитивен биланс само во 2018 година кога имаа ефект од 12. победи и еден пораз помалку.

Селекцијата „Под 18“ години, засекогаш ќе остане во историјата на македонската кошарка бидејќи освен тоа што на нашата земја ѝ го донесоа првото злато од натпреварувањата на ФИБА, тоа го направија со максимален ефект - осум победи на осум натпревари.

Позитивен биланс имаат и кадетите. На ЕП во Скопје, остварија ефект од пет победи и два порази, за жал, доволно само за десеттото место во конечниот биланс на овој шампионат, макар што извесно, имаа реални шанси да се пласираат во четвртфиналето. Можеби и да направат еден чекор понатаму, до дојдат и до пласман во „А“ дивизијата.

Нашата репрезентација „Под 20“ години, реално имаше и најтешка задача пред себе. Беа дел од елитната „А“ Дивизија, освен тоа играа на гостински терен, во Гдиња...

Избраниците на селекторот Боро Смилковски завршија со биланс од една победа и шест порази, и не успеаја во обидите да се задржат во тоа високо друштво на најдобрите јуниорски селекции на Стариот континент.

На крајот, ако се земат предвид резултатите и остварените победи, ова лето е најуспешно за машките младински селекции од осамостојувањето на Македонија.

А што е уште поважно, Македонија потврди дека има репрезентативен „материјал“ за наредните години, оние кои се пред нив...