Цврста борба, но неповолен резултат за нашата машка сениорска репрезентација од натпреварот против селекцијата на Естонија којшто значеше и потенцијален пласман на континенталниот собир за 2025 година.
Избраниците на Јончевски се бореа до последната топка, имаа и водство на паузата на полувремето, но по враќањето на екипите на паркетот во Унибет арена домаќинот со неколку реализирани шутеви од далечина успеа да акумулира двоцифрена предност што до крајот ја одржа без проблем, до конечни 84-65.
„Започнавме добро, го контролиравме натпреварот во првиот дел, водевме и со еден поен. Второто полувреме беше лошо за нас бидејќи изгубивме со 20 разлика и ги изгубивме сите шанси за пласман на Евробаскет. Штета е што не се пласиравме, но се надевам дека ќе се пласираме на наредниот. “ - кратко истакна Андреј Маслинко по завршување на натпреварот.
На неговите зборови се надоврза и селекторот Јончевски.
„Како што кажа Маслинко, имавме добро прво полувреме. Реализиравме се што трениравме. Бевме добри во одбраната и ја контролиравме играта. Во второто полувреме промашивме многу отворени шутеви, еден реализиран од четиринаесет обиди. Некои од играчите имаа навистина отворени шутеви, но кога не реализирате против тим како Естонија, кој со поддршка и од трибините многу лесно не казни. Ние мораме да продолжиме понатаму и да се бориме за пласман на наредното првенство.“ - заврши Јончевски.

