Елиминацијата во квалификациите за Светскиот Куп 2023 ја однесе нашата машка сениорска репрезентација во вториот круг од квалификациите за место на Европскиот шампионат што ќе се одржи во 2025 година.
Друштво на Македонија ќе ѝ прават репрезентациите на: Бугарија, Хрватска, Полска, Португалија и Словачка како елиминирани од светските квалификации, Австрија, Данска, Романија, Швајцарија и Норвешка како најуспешни во првата претквалификациска фаза и Кипар како ко-домаќин на Европското првенство во 2025 година.
Овие 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи, а пласман во квалификациите за Евробаскетот 2025 обезбедуваат Кипар како ко-домаќин и трите победници на групите (ако Кипар биде прв, натаму оди второпласираниот). Претквалификациите ќе се играат во три ФИБА „прозорци“, односно во август и ноември 2022 и февруари 2023 година.
Освен тоа, осумте репрезентации кои нема да обезбедат пласман во квалификациите, одат во нова рунда доигрувања каде ќе им се приклучат елиминираните од првата фаза: Косово, Ирска, Луксембург и Албанија.
Тие претквалификации ќе се играат во август 2023 година, а пласман во главната фаза од квалификациите ќе обезбедат најдобрите четири репрезентации.