Кошаркарската репрезентација на Македонија е подготвена за новиот предизвик. Борбата за историски пласман на Светскиот Куп, почнува во Скопје и тоа со спектакуларен натпревар против големиот фаворит, европски, светски, олимписки првак, репрезентацијата на Шпанија, вечерва од 19.30 часот.
Дамјан Стојановски е единствениот во актуелниот состав на македонската сениорска репрезентација кој имал прилика да се натпреварува, да игра против една до најдобрите селекции во светот каква што несомнено е шпанската.
Еден од нашите најискусни кошаркари е повратник во тимот кој го креираше селектор Драган Бајиќ за овој ноемвриски ФИБА „прозорец“. И ќе биде еден од главните наши адути за претстојните натпревари на почетокот на квалификацискиот циклус за пласман на Светскиот Куп во 2023 година.
„Мислам дека секој натпревар мора да е посебна приказна за себе. Почнуваме со актуелниот светски првак, самото по себе, тоа говори за каква квалитетна репрезентација станува збор. Мора да бидеме најдобри доколку сакаме позитивен резултат на тој натпревар. Шпанија си е Шпанија, со кој состав и да дојде има квалитетни играчи“.
Стојановски смета дека максималната подгтоtвеност и фокусот на играта треба да бидат на највисоко можно ниво против веројатно и најтешкито противник кој некогаш дошол во Скопје.
„Како што напоменав, мора да сме максимално спремни и фокусирани во текот на целите 40 минути од натпреварот. Во спортот никогаш не се знае што ќе биде и што тој ќе ти донесе, така што ние ќе се бориме максимално и ако ни се даде можност и шанса да бидеме победници на овој натпревар“ - дополнува напиот бек-шутер пред вечерашниот почеток на натпреварите од групата „Г“ во која уште за противници ги имаме и селекциите на Грузија и Украина.
Македонската сениорска репрезентазција за прв пат во својата историја ќе биде дел од светските квалификации, за тоа се избори со освојување на првото место на претквалификацискиот турнир (во друштво на селекциите на Словачка и на Швајцарија) кој во август се одржа на истото место, спортскиот центар „Јане Сандански“ од каде вечерва почнува големата приказна. И шансата Македонија да проба да дојде до место кое води на Светскиот Куп.
КАКО ДО МЕСТАТА КОИ ВОДАТ ДО СВЕТСКИОТ КУП?
Светскиот Куп (порано првенство) во 2023 година ќе се одржи на Далечниот исток, исто како и во 2019 година.
Тогаш домаќин беше Кина, а за две години најдобрите кошаркарски репрезентации ќе играат во Индонезија, Јапонија и Филипини. Квалификациите за овој настан ќе траат дури 15 месеци. Нас, секако, најмногу ни се интересни европските квалификации, од кои на крајот 12 најдобри селекции ќе обезбедат виза за Светскиот Куп.
Квалификациите се поделени во две фази.
Во првата има осум групи со по четири екипи, а вкупно во втората рунда ќе минат 24 репрезентации, или по три од секоја група, што значи дека последнопласираната испаѓа.
Во втората квалификациска фаза се формираат четири нови групи со по шест екипи, а на крајот, од тие групи, трите најдобри репрезентации одат на Мундобаскетот.
Македонија во овие квалификации се наоѓа во групата „Г“ во конкуренција на Шпанија, Украина и Грузија, а доколку успее да ја мине првата фаза, тогаш во втората рунда ќе се вкрстува со селекциите од групата „Х“ во која се наоѓаат Русија, Холандија, Исланд и Италија.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СВЕТСКИ КУП 2023
ГРУПА „Г“
ДВОЈКИ 1. КОЛО
ДЕНЕСКА:
16.00: Грузија - Украина
19.30: Македонија – Шпанија