19.08.2024

На седум натпревари, нашите кадети реализираа вкупно 534 поени, односно во просек по 76.3 поени по натпревар...

Македонија трета според ефикасноста, и според бројот на освоените топки на Европското првенство

Машката кадетска репрезентација на Македонија заврши на 10. место на ЕП од Дивизијата „Б“ кое овој викенд заврши во Скопје. Резултат, кој според прикажаните игри веројатно е понизок од оној реалниот.

Еден пораз во оној прв дел од првенството (против подоцнежниот шампион Естонија), нė чинеше многу, односно кадетите да останат без место во четвртфиналето, што реално го заслужија.

За тоа говорат и некои статистички податоци по завршувањето на шампионатот.

Оние кои важат за сериозни релевантни велат дека Македонија е третопозицирана на листата на репрезентациите со највисок број на реализирани поени.

На седум натпревари, нашите кадети реализираа вкупно 534 поени, односно во просек по 76.3 поени по натпревар. Пред нашата се уште репрезентациите на Црна Гора (просек од 80.поени), и вицешампионот Романија чии играчи во просек реализираа по 86.4 поени.

Македонија е трет и според бројот на освоените топки. Во просек, избраниците на селекторот Александар Јованчев имаат по 13.1 освоена топка, што доволно добро говори за ангажманот на нашите кадети во фазата на одбрана.

Доста добро Македонија котира и на листата на селекции со најголем број на загубени топки. Тука сме при „дното“, односно една од петте репрезентации кои губеле и најмалку топки – по 15.4 по натпревар, додека прва е Романија, со 13.5 загубени топки.

По седум одиграни натпревари, Македонија е седма на листата на најдобрите селекции според бројот на асистенти. Имаме реализирано 114 додавања, односно по 16.3.  А лидер во оваа статистичка категорија е Босна и Херцеговина со 18.4.