25.07.2025

Македонија и Швајцарија ја одиграа првата од двете планирани подготвителни средби. Подобра беше нашата селекција, победи со (62:56)

Македонија успешна на првата „контрола“, подобра од Швајцарија (ФОТО)

Прв контролен натпревар одигра сениорската репрезентација на Македонија во подготвителниот период. Вечерва во спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски Бањи гостуваше репрезентацијата на Швајцарија. Нашиот сениорски тим беше подобар, освен во првиот период, доминиравме во другите три, за конечен триумф. 

МАКЕДОНИЈА – ШВАЈЦАРИЈА  62:56

По несигурниот почеток, како одминуваа минутите така нашиот тим играше се подобро и подобро. Гостите од Швајцарија навистина ја добија првата четвртина, со (15:11).

На почетокот на вториот период успеавме да израмниме на (18:18), потоа имавме и (19:19), иако, помалку и очекувано, не нè служеше шутот од далечина, особено за три поени.

Со поените на Митревски, токму во обидот за три, во 16.минута, Македонија поведе за прв пат на „контролата“, со резултат (22:21).  По неговата втора тројка, имавме повисока предност (27:23), минута 17. Но, Митревски немаше намера да застане, погоди уште еднаш од таа позиција, донесе уште повисоки (32:26).  

Заедно со Вајли, кој реализираше 10.поени, и оние шест од најискусниот во овој наш ростер, Мекиќ, Македонија ја оддржа позитивата, на полувремето водевме со (36:30).

Во второто полувреме игравме како што тоа можеби и го посакува селекторот Марјан Илиевски. За кратко време, доста енергично, нашата селекција изгради големи (53:33), момент од 27.минута. За седум минути од играта направивме серија од (15-3) во третиот период, кои и нè донесоа до високата позитива.

Илиевски се реши да им даде шанса на сите кои влегоа во записникот. Во последните три минути од третиот дел играше веројатно и најмладата петорка која сме ја имале во една сениорска селекција.

Во исто време играа Симиќ, Стојаноски, Ташовски, Савичевиќ и Стојковиќ,што Швајцарија го искористи, да ја намали негативата. Со серија од (9-0) гостите се доближија до (42:53), по 30.минути од играта.   

Со една друга петорка во која доминираше Вајли, на средина од последната четвртина, ја вративме двоцифрената предност (57:47). А по новата, петта тројка на Митревски, Македонија се одвои и на (62:50).  

Но тука не беше крајот на „контролата“ во Негорски бањи, затоа што гостите реализираа две тројки во два напади, намалија на (56:62), на 1:16 минути пред крајот. Но го одбранивме нашето водство, ја добивме првата пријателска средба со Швајцарија, со која ќе ги одмериме силите утре вечер, во истиот термин, 19.часот, во натпревар кој ќе биде од затворен тип.