По Шпанија, на ред е Црна Гора...
Актуелниот македонски репрезентативец Џејкоб Вајли, во наредната сезона ќе игра за екипата на Будуќност од Подгорица.
Силното американско крило со македонски пасош, се согласил на условите кои пред него ги поставил најдобриот црногорски тим во последните две децении, па по играњето за Гран Канарија, а во вториот дел од сезоната и во екипата на Сарагоса, Вајли ќе го продолжи својот кошаркарски пат кон Црна Гора, поточно во Подгорица.
Таму е веќе уште едно познато име на нашата кошаркарска јавност, екс селекторот на Македонија, Александар Џикиќ, веројатно и еден од „виновниците“ за овој трансфер.
„Да, можам да кажам дека се завршени сите детали околу договорот. Во следната сезона ќе бидам поблиску до Македонија. Ќе играм за екипата на Будуќност од Подгорица. Видете, полека но сигурно станувам Балканец. Ми се допаѓа тоа“- вели Вајли кој ги „троши“ слободните денови, пред стартот на подготовките на нашиот сениорски национаен тим.
Како и секогаш скромен, Вајли вели дека во Подгорица не доаѓа само поради добар договор.
„Парите се ОК, но во Будуќност доаѓам затоа што важи за доста славен клуб на овие простори. Но и за можноста да играм во Европските купови, во се посилната Јадранска лига, но и за тренерот Александар Џикиќ за кој добив само пофални зборови. Меѓу другото, и дека бил селектор на Македонија. Се надевам дека тоа ќе биде добра и добитна комбинација во сезоната која следува“- додава силното крило на нашиот национален тим како потврда на трансферот кој ова лето го носи кај најголемиот клуб во Црна Гора.
Дваесет и шест годишниот кошаркар, одлично ги покрива двете центарски позиции, а минатата сезона ја почна како играч на Гран Канарија по што уследи и позајмицата во Сарагоса.
Во дресот на оваа екипа Вајли дојде до просек од 10.4 поени, 3.7 скока и една асистенција. Претходно играше и за атински Панатинаикос, а во НБА лигата го носеше дресот на Бруклин Нетс.
Беше најдобриот поединец на нашата селекција на натпреварите од квалификацискиот турнир за Евробаскетот 2022 кои се играа во Перм, каде по четири одиграни мечеви имаше просечни 16.поени, 7.5 скока, 1.3 блокади и исто толку успешни додавања.
Ова е една одлична вест и за селекторот на нашиот национален тим, Драган Бајиќ, инаку актуелен тренер на екипата на Игокеа, која заедно со Будуќност е дел од АБА лигата. И ќе биде многу поблиску до „радарот“ на предводникот на нашиот национален тим (најмалку два меѓусебни дуели во регуларниот дел од АБА лигата) во сезоната која следува и во која очекуваме пласман во квалификациите за Светскиот Куп 2023 година.
Уште подобра околност е што екипата на Будуќност, во наредната сезона ќе игра во Еврокупот, што индиректно значи дека Џејкоб Вајли ќе биде достапен за евентуалните настапи во квалификациите за Мундобаскетот кои следуваат од ноември, и продолжуваат во февруари наредната година.