26.12.2022

Војдан Стојановски е најдобриот кошаркар, а Александра Стојановска, најдобра македонска кошаркарка за годината која ја оставаме зад нас

Македонската кошаркарска федерација ги прогласи најдобрите за 2022 година

На посебна свеченост, вечерва во хотелот „DoubleTree by Hilton Skopje DoubleTree by Hilton Skopje DoubleTree by Hilton“ во Скопје, Македонската кошаркарска федерација ги прогласи најдобрите во кошаркарскиот спорт за оваа, 2022 година.

Во вкупно 19 категории, а „вон конкуренција“, едногласно наградата за најдобра репрезентативна селекција, беше прогласената машката „Под 16“ години, која ова лето имаше успешен настап на ЕП од Дивизијата „А“ одржано во Скопје. 

Освен тоа, федерацијата подели и посебни признанија-благодарници на соработниците: „Агенцијата за Млади и Спорт“, „Кодинг Горска“-Скопје, „Окта“-Скопје, „Аџибадем Систина“-Скопје, „Државна видеолотарија на Македонија“-Скопје, „Кигили“, „Специјална Олимпијада Македонија и „3х3 Македонија“.   

НАЈДОБРА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ ЗА 2022 ГОДИНА

Крива Паланка

Стручниот штаб од Крива Паланка не запира во својата мисија – да го направат својот град синоним за талентирани кошаркарки кои, практично секоја година се на врвот кога станува збор за оној младински сегмент од македонската женска кошарка. Годинава беа најдобри во М18 лигата, освоија медали и во возрасната актегорија до 14 години. И повеќе од доволно да бидат екипа со најголем збир на гласовите од страна на оние со право на глас.

НАЈДОБРА МАШКА ЕКИПА ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ ЗА 2022 ГОДИНА

Работнички – Скопје

Веројатно една од најдобрите генерации во „Градски парк“ е оваа која во годинава која полека ја оставаме зад нас, делуваше непобедливо, и во оној младински, јуниорски сегмент, но и во оној оној дополнителниот, за кој се определија во Работнички – калењето на младите сили низ натпреварите од Третата лига.

Незапирливи, непобедливи беа кошаркарите во „црвено-бела“ комбинација. Имаа беспрекорен низ во јуниорската лига, дваесет и пет победи по ред – и златен медал во М18 конкуренцијата.

Но тоа не беше се од четата на Андреј Апостолски Лечиќ затоа што максимално одговорија и на вториот предизвик. Да бидат најдобри и во Третата лига. Со максимален резултат стигна до финалето, ревијален, макар и го загубија, сепак – целта ја остарија. Оваа година се веќе второлигаши, и тука не застануваат момчињата од „Градски парк“...

НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ ЗА 2022 ГОДИНА

Мирослав Ивановски – Крива Паланка
Веќе неколку сезони по ред е неизоставен дел од тимот кој ја стави Крива Паланка на кошаркарската мапа кога станува збор за женската кошарка.

Ги строеше девојките до шампионската титула во јуниорската категорија, а беше дел и од стручниот штаб кој освои бронзен медал во категоријата за кошаркарки до 14 години.

НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА МАШКА ЕКИПА ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ ЗА 2022 ГОДИНА

Александар Јованчев - Вардар
Полека, но сигурно станува „експерт“ во оние помлади возрасни категории, особено во кадетските води.
Тој е и главниот виновник што Македонија има претставник во А дивизија на Европските младински првенства. Ја освои шампионската титула со Вардар во М14, но ги советуваше и колегите од останатите младински категории на клубот со црвено-црниот дрес од Скопје.

НАЈДОБРА МЛАДА КОШАРКАРКА ЗА 2022 ГОДИНА

Михаела Алексовска - Крива Паланка

Минатата година ја нарековме „најдоброто нешто од овој град во областа наречена кошарка“ и тоа Михаела го оправда-максимално. Во својата возрасна категорија, го предводеше тимот на Крива Паланка до јуниорската шампионска титула и се закити и со признанието најкорисен играч.
Во текот на летниот период стана и првата кошаркарка од Македонија која доби покана да биде дел од престижниот меѓународен камп (BWB), програма на ФИБА и НБА за глобален развој со акцент на подобрување на кошаркарските вештини на младите таленти на возраст до 18 години.
Втора година во низа го добива ова признание, апсолутно заслужено.

НАЈДОБAР МЛАД КОШАРКАР ЗА 2022 ГОДИНА

Андреј Шошкиќ – Работнички

Дел од „машинеријата“ наречена јуниорски тим на Работнички, веројатно и оној главниот, беше Андреј Шошкиќ и во оваа сезона на негово играчко созревање.

Двигател на сите активности на екипата која едноставно не знаеше за пораз како во јуниорската лига, така и низ натпреварите во Третата лига, каде со своите другари од Работнички успеа да дојде до целта – титула во М18 лигата, пласман во Втората лига.

Продолжи во исто темпо и на Евробаскетот во Измир, носител на играта на нашата селекција „Под 18“ години.

За него немаше поголема награда, се чини, да биде дел од сениорскиот тим на нашиот најтрофеен кошаркарски колектив. И не само тоа, дури и да почнува натпревари во стартните пет.

А мора да се признае, и не е така мала работа, за едно момче со наполнети 17 години. 

НАЈДОБРА ЕКИПА ВО 3Х3 ЗА 2022 ГОДИНА

3Х3 „Кино Влае“

Неприкосновени на врвот во домашното првенство. Без разлика дали станува збор за зимската лига - winter tour или пак за летната лига т.е summer tour. Учество во еден тон меѓународни турнири, во Белград, во Бар, во Пале, во Велес, во Солун и освоени доволно први места со што со сигурност го оправдуваат местото како 3х3 амбасадори на Македонија. 

Марко Дујковиќ, Ервин Цого, Милорад Миновски и Христијан Ристов на паркетот, со поддршка од ЏИми Лазаревски ‘зад сцената’, втора година по ред – нашите најдобри баскетџии!

НАЈДОБАР ИГРАЧ ВО 3Х3 ЗА 2022 ГОДИНА

Христијан Ристов - „Кино Влае“

Доминира кога станува збор за домашната сцена, а не поминува незабележан ниту на меѓународните баскет-терени. Некои го знаат како зимски баскет шампион, некои како MVP, а повеќето го знаат едноставно како – Кичо.

НАЈДОБАР СУДИЈА ЗА 2022 ГОДИНА

Александер Павлов

Во сезоната зад нас, практично беше незамисливо неговото неприсуство на оние најважни натпревари, не само во домашниот шампион, во националниот Куп.

Со години важи за еден од најдобрите македонски судии. А оваа година ја доби честа да биде дел од финалниот турнир од Балканската лига, да го суди и финалниот натпревар во оваа регонална конкуренција.

Потоа, да биде составен дел од официјалните лица на сите значајни натпревари во оваа година, финале на плеј оф, финале на Купот „Благоја Георгиевски Буштур“, судија со највисок рејтинг на скоро сите листи каде фигурира Александер Павлов.

НАЈДОБРА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО СЕНИОРСКИ ЛИГИ ЗА 2022 ГОДИНА

Баскет Кам 2011 - Македонска Каменица
2021 година за кошаркарките на Баскет Кам 2011 беше една од поуспешните во досегашното постоење на клубот. Двојната круна само покажа за што се способни од тимот од Македонска Каменица.
Успеси продолжија да нижат и во 2022 година кога повторно прибраа уште два трофеи во клупските витрини, овој пат трофејот од националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“ и од Суперкуп натпреварувањето „Драган Василов - Цевка“.

НАЈДОБРА МАШКА ЕКИПА ВО СЕНИОРСКИ ЛИГИ ЗА 2022 ГОДИНА

МЗТ Скопје Аеродром

Константни во она што го прават најдобро - Клубот од Аеродром повторно ја збриша конкуренцијата освојувајќи ја шампионската титула во домашниот шампионат, деветта од постоењето на клубот, а го крена и престижниот трофеј од Суперкупот „Драган Василов - Цевка“. Предизвици секогаш постоеле и ќе постојат, но популарните „металци“ успеваат да се носат со неа.

На меѓународно ниво, се вратија и онаму каде припаѓаат – во елитната конкуренција од регионалната јадранска АБА лига.

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ЗА 2022 ГОДИНА НА МАШКА СЕНИОРСКА ЕКИПА ЗА 2022 ГОДИНА

Александар Петровиќ – МЗТ Скопје Аеродром

Раководниот тим на МЗТ Скопје Аеродром се реши да направи промени во тренерскиот тим. А како најидеално решение, некако се наметна неговото, Александар Петровиќ.

Спој на она аеродромското, и на искуството, на обновување на една „стара љубов“, кај на крајот резултираше на еден најдобар можен наин.

Прво, Петровиќ му обезбеди на македонскиот колектив број 1 во последно време, место во АБА конкуренцијата. Недолго потоа, стигна и одбраната на шампионската тотула. Но и новиот, четвртти, трофеј во Суперкупот „Драган Василов-Цевка“.

Малку ли е?

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО ЖЕНСКА СЕНИОРСКА ЕКИПА ЗА 2022 ГОДИНА

Александар Ашаданов - Вардар

Веќе признанијата ќе му станат секојдневние, а и тоа е сосема заслужено. Минатата година беше на вистинското место, освојувајќи ја двојната круна со Баскет Кам во домашното првенство. Си ги собра трофеите, и се врати во Вардар да ги предводи девојките од сениорскиот состав.

Jа доби и довербата на Стручниот совет на федерацијата, да го предводи женскиот сениорски национален тим во квалификациите за Евробаскетот 2023 и продолжи со таа мисија и во оваа календарска 2022.

НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ ТРЕНЕР ВО СТРАНСТВО ЗА 2022 ГОДИНА

Емил Рајковиќ – ЦСКА МОСКВА-Русија

Кошаркарска Македонија може да биде горда што го има Емил Рајковиќ, еден од нашите најголеми репрезенти во светот на кошарката, онаа елитната.

Мал му беше, некако премногу „тесен просторот“ во Саратов, посакуваше да оди во некои потопли краишта, но изгледа дека Русија му е судена.

Да, Емил Рајковиќ го направи договорот на својата тренерска кариера – ја доби главната премија, онаа која ја сонуваат многу од неговите колеги. Ја доби ЦСКА – Москва, доби шанса да ја предводи „црвената армија“. Андреј Ватутин, првиот човек на ЦСКА знаеше што добија со потписот на договорот со македонскиот стручњак.

На двербата одговори максимално, ја води „армијата“ беспрекорно, во она што се нарекува ВТБ лига. Без пораз во полусезоната, гаранција за тоа дека гигантот е во добри, тренерски раце.

Блиску е и рекордот на непобедливост, како тргнал, Емил и неговиот играчки избор, ќе стигнат и до тоа...

НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ ИГРАЧ ВО СТРАНСТВО ЗА 2022 ГОДИНА

Ненад Димитријевиќ – Уникс Казан-Русија

Ја подели сезоната на два дела, првиот во топлата Шпанија, вториот во доста поладната, Русија.

Но и во двата случаи, Ненад Димитријевиќ одговори на предизвикот. Можеби Алекс Мумбру погреши, но едно друго тренерско име, кое знапи многу во Европа, Велимир Перасовиќ, тој „подарок“ од Валенсија го прифати со двете раце.

Нено е новиот „број еден“ на Уникс, Казан местото каде ја продолжува својата играчка надградба. Да, во оваа годна која полека ја оставаме зад нас, ќе ја паметиме неговата неверојатна тројка во Нествед, која ја шокираше Данска, но и „циркускиот шут“ во „Кале“, некоја вечер подоцна, кој ја најави победата против Словачка, вовед во беспрекорната серија на сениорите во евро-квалификациите...    

НАЈДОБРА МАКЕДОНСКА КОШАРКАРКА ЗА 2022 ГОДИНА

Александра Стојановска – Бадел 1862/Гас Евникос, Грција

Мина неколку години надвор од Македонија, но одлучи да се врати таму каде што започна сè за неа – во нејзиниот Бадел 1862.
Блесна во жолто-синиот дрес на екипата од Кисела Вода кога на нејзините соиграчи им беше најпотребно. Сезоната во Македонија ја заврши со кревање на шампионскиот трофеј, а се закити и со признанието најкорисен играч.
Во националниот дрес ретко кога не поентира, а аа тековната сезона, им покажува на кошаркарките во Грција зошто токму таа го добива ова признание.
НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ КОШАРКАР ЗА 2022 ГОДИНА

Војдан Стојановски – МЗТ Скопје Аеродром

Добро би звучело едно прашање, на добрите познавачи на макеоднската кошарка, како би изгледала нашата најдобра селекција, на што би личел составот на МЗТ Скопје Аеродром, ако во него го нема Војдан Стојановски.

Не треба да се биде и премногу сериозен следбеник на кошарката, кој би рекол, да, тоа би било нешто сосема поразлично...

Се е поинаку, кога покрај себе, на теренот, но и надвор од него имаш таква играчка величина како Војдан Стојановски. Тие кои го имаат, Фала богу и ние и македонскиот шампион, може да бидат сигурни во една работа. Дека имаат вистинско богатство, и дека треба да уживаат, додека сеуште „го држат нозете“, затоа што ако не го прават тоа, подоцна ќе зажалат.

Затоа што еден е Војдан Стојановски!   

НАЈДОБРА МЛАДИНСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА 2022 ГОДИНА

Машка кадетска селекција „Под 16“ години

Храбрите момци Македонци не беа единствените ова лето кои учествуваа во А дивизија на младинско Европско првенство, но останаа единствените со обезбеден пласман во оваа конкуренција и за наредното лето 2023 година.

Со Андреј Апостолски Лечиќ на кормилото, нашите кадети се надигруваа со најсилните, им ‘покажаа заби’ и потврдија уште еднаш дека се навикнаа на елитата и планираат тука да останат.

Аманет кој го оставаат, Димитар Зетов, Никола Јаничиќ, Бојан Величковски, Атанасиј Трајанов, Сергеј Младеновски, Коста Ќириловски, Дино Лазарев, Лука Марјановиќ, Давид Петрушевски, Марко Луканоски, Карло Димевски и Стефан Стојковиќ, за наредната генерација на млади кошаркари, родени 2007 година и помлади.