28.12.2023

Уште еднаш, Војдан Стојановски е најдобриот кошаркар, а Елена Тасевска  најдобра македонска кошаркарка за годината која заминува...

Македонската кошаркарска федерација ги прогласи најдобрите за 2023 година

На посебна свеченост, вечерва во хотелот „DoubleTree by Hilton“ во Скопје, Македонската кошаркарска федерација ги прогласи најдобрите во кошаркарскиот спорт за оваа, 2023 година.

Во вкупно 19 категории, а „вон конкуренција“, едногласно наградата за најдобра репрезентативна селекција, беше прогласената машката „Под 20“ години, која ова лето имаше успешен настап на ЕП од Дивизијата „Б“ одржано во Скопје.

Освен тоа, федерацијата подели и посебни благодарници на соработниците: „Агенцијата за Млади и Спорт“, „Кодинг Горска“-Скопје, „Окта“-Скопје, „Аџибадем Систина“-Скопје, „Виталија Никола“-Скопје, и „Специјална Олимпијада Македонија“.

Посебно признание доби Училишниот спортски клуб „Никола Карев“ од  Скопје, поточно машката екипа на ова училиште која го освои првото место на Европското првенство за средни училишта.

Кошаркарската федерација на Македонија , постхумно, додели посебно признание за Јанко Луковски, за неговите исклучителни достигнувања во кошаркарскиот спорт.  

НАЈДОБРА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ ЗА 2023 ГОДИНА

БАСКЕТ КАМ 2011
По стапките на првиот тим, младинската селекција на Баскет Кам на доминантен начин ја освои шампионската титула во својата категорија...

НАЈДОБРА МАШКА ЕКИПА ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ ЗА 2023 ГОДИНА

РАБОТНИЧКИ
Пионерите на Работнички потврдија дека најтрофејниот клуб во земјава има иднина и големи таленти во својата школа...

НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ ЗА 2023 ГОДИНА

ЈОРДАН ЦВЕТАНОВСКИ

Баскет Кам под негово водство триумфираше во јуниорската лига, а тој на најдобар, на свој начин го извади максимумот од своите кошаркарки. И повеќе од доволно за признанието - најдобар тренер на женска младинска екипа.

НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА МАШКА ЕКИПА ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ ЗА 2023 ГОДИНА

НЕРМИН ПЕПИЌ
Еден од најуспешните тренери на младински екипи во земјава и во 2023 година покажа дека знае како се освојуваат трофеи...

НАЈДОБРА МЛАДА КОШАРКАРКА ЗА 2023 ГОДИНА

АЊА НАЧЕВСКА
Оваа година ќе остане во нејзината меморија по големите индивидуални успеси. На само 15 години дебитираше во сениорската репрезентација на Македонија. Играше и во М18 селекцијата на Европското првенство, а во меѓувреме го предводеше Вардар до титулата во М16 лигата на Македонија.

НАЈДОБAР МЛАД КОШАРКАР ЗА 2023 ГОДИНА

НИКОЛА ЈАНИЧИЌ
Во плејадата талентирани македонски кошаркари, е еден од најекспонираните. Освен што ја освои титулата во јуниорската лига, беше член на македонската кадетска и јуниорска репрезентација, играше за двете селекции на Европските првенства...

НАЈДОБАР СУДИЈА ЗА 2023 ГОДИНА

ИГОР МИТРОВСКИ
Најангажираниот македонски судија кој постојано, на дело, покажува за каков арбитар, но и човек се работи.

Веќе го освојуваше признанието за судија на годината, но со својот квалитет, демонстрира дека сето тоа било заслужено.

НАЈДОБРА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО СЕНИОРСКИ ЛИГИ ЗА 2023 ГОДИНА

БАСКЕТ КАМ 2011
Неколку години Баскет Кам е во врвот на македонската женска кошарка, но годинава успеа да го врати приматот во првенството, триумфирајќи во плејофот (против Бадел).

НАЈДОБРА МАШКА ЕКИПА ВО СЕНИОРСКИ ЛИГИ ЗА 2023 ГОДИНА

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ
Десет титули, во последните 11 години... најдобро зборуваат за доминацијата на МЗТ Скопје во Македонија. Лани, аеродромци ја освоија тројната круна, триумфираа и во Купот и во Суперкупот, а и новата ја почнаа со трофеј –  беа подобри од Феникс во Суперкупот.

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО ЖЕНСКА СЕНИОРСКА ЕКИПА ЗА 2023 ГОДИНА

ЗЛАТКО ГОЦЕВСКИ
Во својата единствена сезона како тренер на Баскет Кам, поранешниот младински и сениорски репрезентативец на Македонија, ја однесе екипата до титулата во домашното првенство.

НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА МАШКА СЕНИОРСКА ЕКИПА ЗА 2023 ГОДИНА

МАРЈАН ИЛИЕВСКИ
Има огромна заслуга за подемот на Пелистер кој под негово водство две години по ред, игра(ше) во финалето на плеј-офот.

МЗТ Скопје се покажа како пресилен ривал, сепак, извесно, искусниот стручњак ги постави темелите на клубот од Битола.

НАЈДОБРА ЕКИПА ВО 3Х3 ЗА 2023 ГОДИНА

КИНО ВЛАЕ

Континуитет, неприкосновеност – зборови кој единствено може да се употребат кога станува збор за „квартетот“, некогаш и „квинтет“, (зависи од зафатеноста на поединци кој ја оддржува доминацијата во „уличниот баскет“ кај нас...

НАЈДОБАР ИГРАЧ ВО 3Х3 ЗА 2023 ГОДИНА

ЕРВИН ЦОГО

Не „форсираше“ лани, но затоа пак оваа година се реши да „го прошета“ скоро целиот свет. Настапуваше и победуваше, и на турнири во Африка, и во Азија, секако, и во Европа, а голема беше неговата помош во победите на сениорскиот „3х3“ тим на Македонија во квалификациите...

НАЈДОБРА МАКЕДОНСКА КОШАРКАРКА ЗА 2023 ГОДИНА

ЕЛЕНА ТАСЕВСКА
Експлодираше, онака играчки, кога беше најпотребно, во натпреварите кои носат шампионска титула. Одигра скоро беспрекорно во оние плеј-оф серии преку кои Баскет Кам, екипата за која игра, го врати шампионскиот сјај.

НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ КОШАРКАР ЗА 2023 ГОДИНА

ВОЈДАН СТОЈАНОВСКИ
Легенда на македонската кошарка, играч за кој долго ќе се зборува и откако ќе ја заврши кариерата. Или што би рекле некои од постарите генерации: „ако го немаше, требаше да се измисли“...

НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ ТРЕНЕР ВО СТРАНСТВО ЗА 2023 ГОДИНА

ЕМИЛ РАЈКОВИЌ
Оваа година, нашиот Емил собори еден куп рекорди во ВТБ лигата како предводник на ЦСКА. Поради тоа, заслужено, е тренер на годината во ова натпреварување, вторпат во неговата кариера.

НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ КОШАРКАР ВО СТРАНСТВО ЗА 2023 ГОДИНА

НЕНАД ДИМИТРИЈЕВИЌ
По долго време, одлучи да ја напушти Шпанија, и во првата сезона во друга земја оствари огромен успех. Со Уникс ја освои титулата во ВТБ лигата, а беше прогласен за МВП на финалната серија...

НАЈДОБРА МАКЕДОНСКА КОШАРКАРКА ВО СТРАНСТВО ЗА 2023 ГОДИНА

АНЏЕЛИКА МИТРАШИНОВИЌ
Од Бугарија се пресели во Словачка, натаму е главна во националниот тим кого го предводеше и до триумфот против БиХ во претходниот квалификациски циклус за Европското првенство. Ќе остане запаметено и тоа дека во оваа 2023 година оствари и трипл-дабл, во ВАБА лигата, за потврда плус на својот огромен квалитет.

 

НАЈДОБРА МЛАДИНСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА 2023 ГОДИНА

МАШКА СЕЛЕКЦИЈА „ПОД 20“ ГОДИНИ
По долго време, младинската репрезентација на Македонија обезбеди пласман во А-дивизијата откако на првенството во Скопје го освои второто место и сребрениот медал.

Најголем успех на една македонска младинска селекција во последните 16 години, и што е поважно, нашите таленти идното лето ќе имаат можност да се натпреваруваат со најдобрите во Европа.