26.02.2020

Македонската репрезентација меѓу најгледаните во февруарскиот „прозорец“ на ФИБА

Првиот „прозорец“ на ФИБА, оној февруарскиот, заврши со континуиран раст на гледачите во арените ширум Стариот континент.

 

Она што 16.селекции го направија во првиот круг, односно мечевите одиграни на 20, односно 21. февруари, го продолжија уште 16.национални тимови во вториот, кој беше на програмата на 23. и 24.февруари.

Статистичките показатели на Светската кошаркарска федерација говорат дека просекот на гледачи бил 4.600 по натпревар, односно повеќе од 80% на искористеност на арените низ цела Европа, односно во овој случај – 32.

Комбинирано гледано, според ФИБА, 11 од вкупно 32. натпревари биле комплетно „распродадени“, со што просекот на посетеност е покачен на повеќе од 5.000 гледачи, или 81% на искористеност.

А македонската национална селекција е една од оние кои важи меѓу оние пет најгледани во овој прв квалификациски циклус.

Покрај нашето домаќинство во А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, каде на средбата со Естонија беа регистрирани повеќе од пет илјади фанови, нашето гостување во Перм, и дуелот со Русија е поставено на високото трето место во вкупниот поредок.

Дуелот во „Молот“ Арената во „живо“го проследиле 7.099 фанови, што е трет „резултат“ во вториот круг на ФИБА квалификациите.

Убедливо најмногу посетители имало на средбата во „Глоуб“ Арената во Стокхолм, каде дуелот Шведска-Турција го проследиле 11.390 гледачи.

Зад него е оној во Сарагоса, каде на мечот Шпанија-Полска се евидентирани 8.661 симпатизери, во најголем број на „црвената фурија“.  

Одлични бројки се и онив во Вилнус, на мечот Литванија-Чешка, каде имало 6.591 навивач и во Белград, каде дуелот Србија-Грузија бил проследен од 5.257 симпатизери на кошарката.  

На границата од 5.000 посетители биле и средбите во Тузла, каде БиХ ја пречека селекцијата на Грција, како и во холандскиот Алмере, каде Холандија ја нагости Хрватска.

Истото се однесува и на дуелите Франција-Црна Гора, односно Велика Британија-Германија.

ТОП 5 НАЈПОСЕТЕНИ НАТПРЕВАРИ ВО ФЕВРУАРСКИОТ ПРОЗОРЕЦ (ВТОРО КОЛО)

11.390 – Шведска - Турција („Глоуб Арена“- Стокхолм)

8.661 – Шпанија – Полска (Арена „Принц Фелипе“- Сарагоса)

7.099 – РУСИЈА – МАКЕДОНИЈА („Молот“ Арена-Перм)

6.591 – Литванија – Чешка („Сименс“ Арена – Вилнус)

5.257 – Србија – Грузија (Сала „Александар Николиќ“ - Белград)