Тројца млади македонски арбитри се пријавија и земаа учество на Камп за потенцијални судии во организација на ФИБА Европа и Кошаркарската Федерација на Босна и Херцеговина. Настанот се одржа од 30. март до 2. април во Сараево.

На турнирот во главниот град на БиХ, за генерациите U18 и U16, нашите судии Наташа Цветковска, Кристиан Филиповски и Дејан Зафировски имаа можност да слушаат теоретски предавања, да судат натпревари, а во исто време, и да следат практични показни предавања во сала од ФИБА инструктори од регионот, како Миодраг Личина (Србија), Синиша Херцег (Хрватска) и Адемир Зураповиќ (Босна и Херцеговина).

Заедно со останатите дваесетина колеги судии од регионот, но и од Грција, Унгарија Кипар и други европски земји, македонските арбитри имаа уникатна можност да ги подигнат на повисоко ниво своите судиски квалитети и да бидат во тек со најновите трендови во ФИБА поврзани со судењето.