Ја дели судбината на сите во кошаркарскиот спорт. Во изминатите два и кусур месеци пак го „дели“, што се вели, и доброто и лошото заедно со својот постар брат, Ненад Димитријевиќ.
Условите во Шпанија го диктираа тоа, Марија Димитријевиќ порано да ја заврши оваа сезона како играч во младинската екипа на Кампус Промете Логроњо, наместо дома, во Скопје, да остане во Каталонија. И во Бадалона да ја чека разврската на нималку посакуваната ситуација, која во Шпанија донесе сериозни последици.
Секојдневието со својот брат е веројатно и најдобрата работа која и се случи во изминатиот период на младата репрезентативка на Македонија.
Што правиш, како се снаоѓаш, ги поминуваш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?
„Чекам, ситуацијата во Шпанија е една од најстриктните, најригорозните во Европа. Кога го велам тоа мислам на забраната која не дозволуваше да се излезе од дома цели два месеци. За среќа, и наша радост, пред две недели мерките беа во некоја рака, олабавени. Дозволија да се излегува, макар и во одредено време во текот на денот. Како и да е, мора да се снаоѓаме. Секогаш наоѓаме време за да вежбаме, иако да бидам искрена, поголем дел од денот го поминував пред ТВ, гледајќи серии, а во последно време го следам и документарниот филм 'Последниот танц’ посветен на Мајкл Џордан“- појаснува Марија за изминатиот период кој го помина во предградието на Барселона.
Како си задоволна од оваа сезона во дресот на Кампус Промете Логроњо, прекината поради „виша сила“?
„Не ја почнав сезоната поради повредата на коленото. Поради тоа и не можев да играм ни за репрезентацијата ‘Под 16’ на ЕП во Бугарија. Во ноември се вратив на кошаркарските терени, и имав потешкотии да се вратам во старата форма. Оваа година имавме добра екипа во Логроњо, и целта ни беше да одиме на завршниот турнир за кошаркарки до 18 години. Но, пандемијата со коронавирусот нè спречи во тоа“.
Имаме македонски кошаркарки во силните првенства на Шпанија. Сметаш дека има простор да играат и во сениорска конкуренција во една од најсилните лиги во Европа?
„Во секој случај, не само јас. Ние сме земја која поседува талент, а којшто треба да се надгради со играње во ваква конкуренција. Шансата е пред нас, треба да ја искористиме“.
Дали си подготвена наскоро да заиграш и за сениорската селекција на Македонија?
„Секако верувам дека за секоја кошаркарка, па и за мене, е голем предизвик да игра за сениорската селекција на Македонија. Затоа, кога ќе дојде мојата шанса да заиграм, ќе се потрудам да бидам максимално подготвена“.
Како понатаму, кои се твоите идни планови, секако откако ситуацијатa во Бадалона, во цела Шпанија, ќе биде ставена под контрола?
„Се додека трае ситуацијата со коронавирусот, тешко е да се прават планови за некоја далечна иднина. Сега само чекам да се отворат аеродромите и наскоро да си дојдам дома. Целта ми е во текот на ова лето да се подобрам колку можам. Во секој сегмент од кошаркарската игра, и секако коленото да не ми претставува проблем во понатамошниот тек од кариерата“- гласи најголемата желба на Марија.Димитријевиќ.