15.06.2020

„Апелирам до сите да ги почитуваме мерките, да се штитиме, за да може што поскоро да се вратиме во нормала“

Марин Петков: Ситуацијата донесе лимити, треба да го дадеме максимумот за да ги тргнеме!

Важи како оној „составен дел“ од нашиот национален тим на играчи родени 2003 година. И како учесник на Европското кадетско првенство во Италија на кое Македонија успеа во обидите да го задржи прволигашиот статус.

А Марин Петков даде свој придонес во успешниот настап на оваа наша селекција која овозможи онаа наредната, да има исти, односно уште подобри услови да и се претстави на Европа.

За жал, пандемијата која ја донесе коронавирусот не го дозволи тоа, барем не ова лето. Но пред нашите млади кошаркари има доволно време да ги реализираат своите индивидуални замисли.

Вардаровиот бек жали за пропуштените шанси, како на домашен, така и на меѓународен план. Но не очајува, напротив...

Убеден  во некое „подобро утре“, но со давање на својот максимум во деновите кои следуваат...

Што правиш, како ги користиш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?

„Овој период е тежок за сите, а можеби најголем предизвик е за младите спортисти кои мораа да најдат начин за да ја насочат својата енергија. Јас целиот овој период добивав вежби од мојот фитнес тренер Сашо Пецев и вежбав секој ден во неделата. Се со една цел, да можам што повеќе да се одржувам во форма“- појаснува бекот на „црвено-црните“.

Оваа сезона заврши, беше прекината поради „виша сила“. Беше лимитирана на само неколку месеци, во кои се играше „нормална кошарка“?

„Никој не можеше да предвиди дека сето ова ќе се случува во светот. Не можам да кажам дека сум задоволен. Пред сè, поради сите лимитации во сите сфери па и во спортот. Тоа што можам јас да го направам е да го вложам мојот максимум, да тренирам дома и на маалските кошеви и со радост да го чекам денот кога ќе почнеме со групен тренинг“.

А поради пандемијата нема да го играте Европското Првенство во „вашата“ возрасна категорија?

„Жално е што заради пандемијата ќе го пропуштиме Европското првенство. Апелирам до сите да ги почитуваме мерките, да се штитиме за да може што поскоро да се вратиме во нормала, да можеме да тренираме и да се натпреваруваме“.

Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?

„Моите идни планови се поврзани со отворените можности каде ќе можам комплетно да се вложам. Но и да се здобијам со нови вештини, тактики и знаења, да напредувам максимало во периодот што претстои“- планира Петков.