25.07.2025

„На одличен пат сме кон она што се бара од играчите, а тоа е да дадат максимум“- потенцира селекторот

Марјан Илиевски: „Имаме огромен простор за напредок, треба да нè красат енергијата и младоста“

Марјан Илиевски беше задоволен по крајот на првата проверка на сениорската репрезентација на Македонија во поготвителниот период.

Прв триумф за него како предводник на сениорите, извојуван, како што потенцираше со една голема доза на енергија која нашиот избран тим ја пренесе „долу“ на теренот во спортскиот комплекс „НБ Ноел“- во Негорски бањи:

„Резултатот е позитивен, но неблагодарно е сега да кажеме дека сме на одличен пат во однос на она кое следи. Но, затоа на одличен пат сме кон она што се бара од играчите, а тоа е да дадат максимум. Сите кои влегоа во игра дадоа максимум, се гледа и неискуството на одредени играчи што се рефлектираше со голем број загубени топки. Но како прв за меч и краток период заеднички подготовки, може да кажам дека сум задоволен од целиот период соработка со играчите. Игравме против екипа која три години е заедно со истиот тренер. Имаме огромен простор за напредок, треба да нè красат енергијата и младоста“, беа зборовите на селекторот по успешната проверка во подготвителниот период.