И покрај поразот во четвртиот натпревар од финалната серија, шефот на стручниот птаб на Пелистер, Марјан Илиевски делуваше задоволно:
„МЗТ Скопје Аеродром сосема заслужено дојде до победата. Тие ја исполнија својата клупска цел. Квалитетната ротација и подолгата клупа пресудија. Без оглед на крајот на оваа серија, за мене, моите играчи сосема заслужено стигнаа до тука, па дури и да го освоевме трофејот. Горди сме на сработеното, особено со проблемите кои ги имавме. Ние истуркавме дотука, со желба и љубов кон клубот. Покажавме дека знаеме како треба да ги браниме боите на Пелистер и создадовме симпатија во градот меѓу публиката, а нивното присуство е наш најголем трофеј.
Ако одиме редоследно, минатата година завршивме трети, оваа втори, па следната сакаме да бидеме први. Сепак, тука влијаат повеќе фактори, ќе зависи од политиката на клубот и како се гледа на иднината. Ние како спортисти сакаме да се натпреваруваме со квалитетни екипи. Сакаме да излеземе на меѓународна сцена и тоа е предизвик за нас. Гледајќи како реагираше градот и публиката, а заедно и ние со нив, жално би било да нема таква можност за сите да се радуваме“.
Сличен е крајниот впечаток и кај капитенот на „пелистерци“, Бобан Стајиќ:
„Беше чест да се биде капитен на оваа група играчи. Една сезона исполнета со многу убави моменти, имавме и падови, но издржавме заедно и тоа е голема победа за нас. Во период од неколку месеци, играчите и стручниот штаб беа оставени сами на себе, без ничија грижа и без плати и само благодарение на тренерот Илиевски, никој не ја напушти екипата и издржавме заедно до крајот на сезоната. Направивме историски успех за кошарката во Битола и сите сме горди на тоа.
МЗТ Скопје заслужено ја освои титулата и му честитам на тоа. Наша најголема победа оваа сезона е што го вративме интересот на битолчани за кошарката. Најголема благодарност до навивачката група „Чкембари“ и до сите битолчани кои ја поддржуваа екипата во текот на целата сезона. Битолската публика и во иднина заслужува да гледа силен Пелистер“.