20.08.2025

Селекторот Марјан Илиевски одлучи да ја „зголеми“ висината во ростерот и го стави на клупата за резерви нашиот млад центар

Марко Луканоски добива шанса за први минути во сениорскиот тим

Марко Луканоски ќе биде последниот, 12 играч во ростерот на машката сениорска репрезентација на Македонија за последниот натпревар од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година во Катар.

Селекторот Марјан Илиевски одлучи да му даде шанса на младиот центар, кој е составен дел од тимот од самиот почеток на овој репрезентативен циклус.

Луканоски, кој беше најдобриот наш играч на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 20“ години кое ова лето се играше во Ереван, за прв пат во својата кариера ќе биде во конкуренција за најдобрата селекција. 

Поради повреда, надвор од тимот за дуелот кој се игра вечерва од 19.часот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, е Адем Мекиќ, недоволно закрепнатиот Марко Миловановиќ, како и Тома Стојаноски, кој ќе бара нови „сениорски минути“ во некој од наредните репрезентативни циклуси.