11.05.2020

Оваа година ја помина во Јуви Кремона, која се натпреварува во SERIA B во која и тоа како, беше видлив неговиот играчки напредок.

МАРКО МИЛОВАНОВИЌ: Го издржавме најтешкото, време е да излеземе „надвор“, на вистински тренинзи

 

Беше дел на идеалната петорка на кадетското Европско првенство  од „Бдивизија пред две години, сега, еден од најдобрите во македонската јуниорска селекција, секако, меѓу најталентираните кошаркари во Македонија.

И повеќе од одлични препораки за кошаркарот кој пред некој месец наполни 18 години и пред кого е светла иднина во светот на кошарката.

Оваа година ја помина во Јуви Кремона, која се натпреварува во SERIA B во која и тоа како, беше видлив неговиот играчки напредок.

„Немам никаков проблем. Ја одработив првата година од четиригодишниот договор кој го имам со клубот. Играме во групата „Б“, одигравме 21.натпревар до прекинот, добивме девет од нив. Иако сум најмлад во тимот, одиграв осум мечеви, во просек по десет минути. Мислам дека без оглед на нецелосната сезона, она што го одиграв во тие пет-шест месеци е според некои мои очекувања, иако нели, секогаш може и повеќе. Не брзам никаде, одам чекор по чекор. Мислам дека тоа е исправната насока“- ќе каже некогашниот играч на скопски Партизан Водно Санс.

Веројатно тоа и го натера селекторот Александар Тодоров за оној „февруарски прозорец“ на ФИБА од квалификациите за ЕП 2021, да го повика Марко Миловановиќ за првпат во сениорската репрезентација на Македонија.

„Реков и тогаш, да ме прашаше некој пред 2-3 години дека сега ќе бидам дел од најдобрата селекција на Македонија, веројатно ќе му се смеев. Повикот во репрезентацијата за мене е огромна чест, но и обврска. И без оглед на тоа што не влегов во конечните 12 за дуелите со Естонија и Русија не сум разочаран. Напротив, горд сум што воопшто имав шанса да тренирам со нив“.

По враќањето во Италија, таму некаде пред крајот на февруари, вистински шок, цела „чизма“ мораше да се соочи со една сериозна опасност – коронавирусот.

„Не знам што да кажам. Можеби и имав среќа, што тоа дојде веднаш по моето враќање од Скопје каде бев на подготовките со нашиот сениорски национален тим. ‘Побегнав’, би се рекло навреме пред да биде прогласена пандемијата од коронавирусот. Го фатив последниот воз, се вратив дома пред да почне ова лудило во Италија, посебно во оној дел на Ломбардија“.

Но тоа, индиректно значи и поголема пауза во кариерата, и тоа, сега веќе и од неколку месеци. Како се справуваш со актуелниот момент, кој не дозволува максимална активност?

„Се снаоѓам некако, морам да функционирам и во овие услови, како и сите други професионални спортисти. Се обидувам да одржам некоја ‘форма’ во домашни услови. Го користам секој слободен момент да излезам надвор од тие рамки. Го издржавме она најтешкото. Се надевам дека веќе од следната седмица ќе им се вратиме на оние редовни активности. Да почнеме со нормални тренинзи“.

Пред два дена и официјално беше потврден крај на сите натпреварувања во кошаркарска Италија, со тоа престанаа и твоите обврски спрема Кремона за оваа сезона?   

„Ми недостасува таа дружба со соиграчите, со тренерите, но тоа е некоја ‘виша сила’, која не дозволува да се вратиме назад. Мора да размислуваме за иднината. Во моментов доста нејасна. Ќе разговарам со мојот менаџер за и околу тоа што е најдобро за мене. Имам уште три години од договорот со Јуви Кремона. Сакам да останам во Италија, има време и за тоа. Само да се нормализира ситуацијата и тука, и во Италија, во целиот свет. Да почнеме нормално да живееме. Лесно ќе им се вратиме на старите навики, максимален кошаркарски ангажман. Тоа е полесниот дел од работата“- смета „веќе видениот“ сениорски репрезентативец на Македонија.