Тренинзите со своите поискусни колеги ги гледаат како своевидна подготовка и собирање искуство за младинските Европски првенства кои следуваат во текот на летото...
Андреј Јакимовски и Марко Миловановиќ се најмладите во изборот на селекторот Александар Тодоров за овој февруарски квалификациски циклус. Италијанската „конекција“ во македонскиот национален тим, се чини дека беше она што му треба. „Спона“ односно спој помеѓу искуството и младоста, она што треба да го поседува секоја модерна селекција.
И веројатно е малку да се каже, дека за нив повикот во сениорскиот национален е голема почест.
„Од овие кошаркари можам само да учам, меѓу нив има и такви кои го го направија најголемиот резултат во репрезентативната историја на кошаркарска Македонија. Верувајте, дури и да не се најдам во конечните 12 за дуелите со Естонија и Русија нема да бидам разочаран. Напротив, горд сум што воопшто имам шанса да тренирам со нив. Повикот во репрезентацијата за мене е огромна чест, но и обврска. И се надевам дека го оправдувам. За тоа, секако, ќе треба да каже селекторот “- вели „помалиот“, Марко Миловановиќ.
Македонија е пред нов почеток, освен Естонија и Русија, во групата е и репрезентацијата на Италија, земјата каде Марко и Андреј настапуваат во изминатите неколку години.
Сега едниот е во Кремона, а другиот во Торино...
Андреј Јакимовски размислува слично како и една година помладиот соиграч кој се најде на списокот на селекторот Тодоров за февруарскиот „прозорец“ на ФИБА:
„Пред три години сето ова беше само детска желба. И ми изгледаше многу далечна, но не и недостижна. Што да кажам, ова е остварување на сонот, укажана доверба, чест и голема одговорност, но и можност да ја оправдам довербата. Сега ја имам привилегијата да бидам меѓу најдобрите. Дали очекував да бидам во ова друштво? Може да кажам дека се надевав. Затоа и работам многу на моја постојана надградба. Сметам дека сите оние признанија се виза за мојот влез кај сениорите“- вели скромното момче од Крива Паланка, пред да им се посвети на обврските кои со себе ги носи вечерниот тренинг.