Од него се очекува да погодува од далечина, но не би имале ништо против да го пронајде патот до кошот на противникот и од некоја друга дистанца, позиција, или пак од линијата за слободни фрлања.
Најважно е Македонија да почнува да победува во овој ноемвриски циклус на квалификации за Евробаскетот 2022 година.
Почнувајќи од денеска, од 15. часот, за кога е закажан натпреварот со репрезентацијата на Италија.
Марко Симоновски треба да биде значаен дел од нашиот национален тим во дуелите со селекциите на Италија и на Естонија, и дека од неговата игра ќе зависат доста работи на овие мечеви во „балонот“ во Талин.
„Не е ништо ново ако се каже, или констатира дека овојпат ќе играме во некои доста специфични услови, во кои нема некој голем спортски аспект. Многу внимание мораше да посветиме на своето здравје, а дури потоа да размислуваме како и на кој начин ќе играме. Гледате и самите дека пандемијата ги диктира работите, ги креира играчките ростери. До последен момент не се знаеше на кои играчи може да се смета за оној официјален дел-натпреварите. Дојдовме во Талин со изменет состав во однос на оние февруарски натпревари во Скопје и во Перм. Недостасуваат некои играчи кои беа дел од тимот во минатиот циклус. Сега имаме нов соиграч, и уште неколку момчиња кои треба да се иднина на нашата кошарка. Многу сум пријатно изненадen што се најдоа со нас на тренинг, тоа сакам да го потенцирам“ – коментира Симоновски.
Имавте десетина тренинзи во овие неколку дена во Талин преку кои можевте да ги поставите „конекциите“ за успешен настап. Прво на денешниот дуел со Италија, а и два дена подоцна, против домаќинот – Естонија?
„Кај нас нема место за калкулации, ниту имало, ниту пак ќе има. Играме во дресот со националниот грб. Тоа е обврска за сите нас да го дадеме својот максимум. Тоа нема да биде исклучок и овде во Талин. Без оглед на тоа дали играме со Италија или пак со Естонија. Не треба да се залажуваме дека Италија е слаба затоа што има некои нови играчи. Напротив, стартуваме како да играме против нивниот најсилен состав. Што ќе донесат тие 40.минути, ќе видиме“ – порачува еден од најискусните кошаркари во овој состав кој ќе ги игра наредните два натпревари од квалификациите за ЕП 2022.