15.02.2021 Повредата на листот на левата нога беше посилна од желбите на искусниот бек-шутер Се надеваше до последeн момент. Беше уверен дека може. Но лекарските прогнози не одеа во негова корист. На крајот, во договор со стручниот тим на нашата сениорска репрезентација беше одлучено, Марко Симоновски да не биде на списокот на патници кои денеска отпатуваа за Русија. „Многу сакав да бидам со соиграчите во Перм. До последен момент бев убеден дека повредата на листот на ногата ќе биде санирана навреме. Почнав да работам одвоено со Ерен Хангун, но проценките беа дека во овој момент ризикот од обновување на повредата е преголем. И дека ќе мора да продолжам со терапијата. Тоа и ќе го направам. Со оглед на тоа дека е пауза во првенството, наредните денови ќе ги искористам за максимална рехабилитација. И да бидам спремен за следните обврски. Жалам што не можам да помогнам. Но искрено се надевам, убеден сум дека без мене во Перм ќе обезбедиме место на Европското првенство. Им држам палци на соиграчите да го направат тоа“ – констатира и посакува Симоновски. Искусниот бек беше дел до нашата селекција на претходното „редовно“ гостување во Перм, кога загубивме од Русија со (77:67). Одигра 20.минути во кои реализираше четири поени и едeн скок.