Марко Трајковски, еден од плејадата млади тренери во македонската кошарка, ја имаше таа чест, задоволство и како што дополни на комеморативната седница во СРЦ „Кале“, привилегија, да соработува со Драган Василов во оној негов, за жал, последен проект во пребогатата кариера, кошаркарскиот камп за кошаркар(к)и родени 2007 и 2008 година.
„Колку и да звучи како клише, јас пак ќе кажам дека ние навистина загубивме...
Пред се, голем човек, голем пријател, голема легенда... Секој кој барем малку го познаваше, ќе се согласи дека секогаш бил тука, да помогне, секому...
Многу играчи му ги должат и кариерите на овој човек.
Исто така ќе се согласиме дека беше еден ретко позитивен, ведар и секогаш насмеан лик, кој целиот свој живот го посвети на кошарката и на работата со најмладите. А така и си замина, работејќи на кампот на КФСМ во соработка со ФИБА, како селектор на најмладата селекција, до 12 години. Беше пример за сите тренери, и како се ‘допира’ до најмладите.
А за нас тренерите кои бевме во Маврово, беше огромна чест, привилегија, задоволство што имавме шанса да учиме од еден од најдобрите тренери во Македонија во младинските категории – Драган Василов-Цевка.
Така и си замина, работејќи со најмладите, и мислам дека и кога би имал избор, не би одбрал нешто поинаку.
Сакам да кажам и една анегдота.
На еден од состаноците кои ги одржувавме секоја вечер, координаторот од ФИБА кој го водеше кампот, го замоли Цевка барем десет минути да почека со шегите, секако, за да го завршиме состанокот.
А Цевче ми врти на телефон и ми вика, „Десет минути, нема шанса Батка. Можам да издржам максимум две минути“.
Сигурен сум дека ќе сакаше така и да остане запаметен во нашите срца. Како многу позитивен, ведар и насмеан лик, и да се насмевнеме кога ќе помислиме на него.
Читајќи деновиве по порталите, некој имаше убаво напишана реченица: „Камо среќа сите од нас да имавме по еден Цевка во животот“- се прости Трајковски од својот колега.