26.05.2020

Повредата го спречи во репрезентативниот континуитет, но оваа сезона доби прволигашко искуство...

Марко Величковски: Со верба во себе, во тимот и секојдневен тренинг, до уште подобри резултати

Беше дел од онаа селекција на Македонија на играчи родени 2002 година која пред две години стигна до историски резултат, пласман во „А“ Дивизијата. Минатото лето повредата го одалечи од националниот тим „Под 18“ години, кој учествуваше на ЕП од Дивизијата „Б“.

Но затоа пак оваа сезона, Марко Величковски ќе ја памети по тоа дека за прв пат во кариерата почувствува како е да се игра прволигашка кошарка.

Го направи тоа како играч на МЗТ Скопје Уни Банка.

Неговите намери се искрени, но и многу јасни, враќање во дресот на националниот тим, макар што пандемијата со коронавирусот не „дозволи“ ова лето да има и нов настап на едно големо натпреварување.

Што правиш, како ги користиш овие денови на пауза, предизвикани со појавата на короновирусот?

„За сите нас спортисти ова е тешка ситуација. Но ние во нашата спортска кариера научени сме брзо и лесно да се прилагодуваме во новонастаната ситуација. Од самиот ден кога кошарката прекина, направив секојдневен план и програма за одржување на мојата форма. Најчесто денот го започнувам во мојот двор земајќи го баскетот и вежбам на мојата техника(ball – handling). Потоа работам на моите физички способности правејќи вежби од типот на планкови,склекови,згибови скокови на јаже... Со олабавување на мерките, понекогаш, кога бев во можност денот го завршував со шутерски тренинг на кош, на отворено игралиште. И покрај мојата организација, едвај чекам сè да се врати по старо да тренираме во кошаркарска сала за да можеме максимално да се подготвиме за следната сезона. Сепак, кошарката е колективен спорт ни недостасува спортскиот тимски дух, комуникација и  дружење“- појаснува младиот кошаркар.

За прв пат во кариерата, во оваа сезона почувствува како е да се игра во прволигашка конкуренција?

„Кошарка почнав да играм на десетгодишна возраст во КК Јуниор. Мој идол од секогаш бил Кевин Дурант. Во изминатите години играв и за КК Водно Санс-Партизан и КК Вардар. Од минатата година сум член на КК МЗТ Скопје-Уни банка и истата година добив шанса да настапувам во Првата лига како најмлад тим и да играм за младинската екипа, онаа до 18 години. Беше голем предизвик да играм со квалитетни и поискусни кошаркари, да учам од нив. Добро се вклопив во тимот и секогаш давав максимум и се борев за поголема минутажа. Сакам да истакнам дека МЗТ Скопје е сериозен клуб, каде се посветува големо внимание на младите играчи и нè учи на вистински професионализам.

„Во текот на сите играчки години, имав среќа да ме тренираат врвни тренери од кои научив многу за кошарката. Секогаш ја имав нивната доверба за што сум многу благодарен. Морам да истакнам дека сегашниот тренер Горан Крстевски, максимално се посветува на екипата и нашиот развој и ни дава шанса на нас помладите да се избориме за место во  прволигашката конкуренција. И да се покажеме во најдобро светло. Мислам дека овој проект е одличен. Добив поинакво искуство, со секој натпревар станував се посигурен, покомпетитивен. Научив да ги анализирам добрите страни и грешките и да работам на нив. Конкуренцијата помеѓу екипите во Прва лига е голема и мораме брзо и посветено да работиме за да бидеме конкурентни. Чувството да се игра во Прва лига го доживеав неверојатно мотивирачки, поставив високи цели и се трудев да ја добијам довербата од тренерот и од соиграчите“.

Прекинот на сезоната стави крај на сите активности, како клупски, така и оние репрезентативните?

„Оваа сезона ја започнавме со голема инспирација и со желба да се докажеме и победиме. Секој натпревар бевме се подобри и тимски и индивидуално. Се надевавме и верувавме во првата победа, во некои натпревари до самиот крај бевме многу блиску. Но искуството беше на страната на противникот. Потоа се случи пандемијата и за жал првенството се прекина. Но задоволен сум од целото прволигашко искуство и среќен сум дека следната сезона повторно ќе играме во елитната конкуренција. Навистина ми е многу жал што оваа година нема да се натпреваруваме на Европското првенство до 18 години. Моите очекувања беа многу големи, затоа што мислам дека можевме да го повториме историскиот успех од пред две години кога се пласиравме во А дивизија на Европското Првенство до 16 години во Сараево. Сепак продолжуваме понатаму да работиме напорно и да се надеваме на некоја нова шанса на репрезентативен план“.

Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?

„Откако сè ќе се врати во нормала продолжувам секојдневно да тренирам со МЗТ Скопје. Да се подготвувам за новата сезона во првата сениорска лига, а со желба да бидам поуспешен од минатата сезона. Мојата порака за сите млади кошаркари е да имаат сон, но истото тоа ќе се оствари само со верба во себе и во тимот и секојдневен тренинг, затоа што талентот е 10%, а 90% е напорна работа“- порачува Величковски.