11.03.2021

Подобар од ВСУ, беше тимот на Аризона Стејт кој славеше со (64:59)

„Мартовското лудило“ ги зафати Јакимовски и Кугарс, „паднаа“ во првото плеј-оф коло

Вашингтон Стејт Универзитетот рано го заврши својот пат кон најдобрите „четири“ во НЦАА лигата.

Андреј Јакимовски и неговите соиграчи го загубија првиот натпревар од плеј-оф турнирот на дивизијата Пацифик-12 што се одржува во Лас Вегас.

Со тоа и се практично елиминирани од трката за позиција погоре во актуелната сезона од НЦАА лигата.

Подобар од Кугарс беше тимот на Аризона Стејт кој славеше со резултат (64:59). А мечот беше решаван буквално во последните секунди од играта.

Во последната минута ВСУ влезе со минимални (59:58). На 11 секунди пред крајот, Аризона Стејт постигна кош за (60:59). Но во наредниот напад Кугарс направија грешка во додавање, добија и техничка грешка, по што противникот направи недостижна предност и обезбеди пласман во следната рунда.

Андреј Јакимовски не доби преголем простор на овој квалификациски меч. Одигра само четири минути во кои имаше само една украдена топка и еден непрецизен шут за два поена, без постигнати поени.

Инаку, завршниот турнир во Лас Вегас се игра по нокаут-систем, поразениот веднаш си заминува дома, а најдобриот обезбедува учество во „мартовското лудило“ (16 март-5 април).