Бордот на ФИБА Европа кој заседава во Вилнус, на кој учествуваат спортскиот директор Тодор Гечевски, и потпретседателот на нашата федерација, Димитар Ефтимовски, утре попладне треба да го потврди предлогот, машката македонска селекција „Под 18“ години да добие пласман во елитната дивизија и да настапи на Европското првенство од Дивизијата „А“ што ќе се одржи од 30. јули до 7. август во Коња.
Македонија ќе го заземе местото на Русија, чии национални кошаркарски селекции се дисквалификувани за понатамошните натпреварувања под ФИБА, а поради воениот конфликт кој сеуште е активен во Украина.
Согласно со претходно утврдениот изглед на групите, нашата селекција ќе биде дел од групата „А“ во која се уште и репрезентациите на Франција, Велика Британија и Израел.
Оваа наша национална селекција добива „покана“ за настап во „А“дивизијата поради четвртото место освоено на последното Европско првенство „Б“ дивизија, во 2019 година во Романија. Интересно е тоа што и тогаш селектор на репрезентацијата беше Тони Симиќ, кој ќе ги предводи нашите надежи и на шампионатото во Коња.
Инаку, покрај оваа селекција, настап во најквалитентото младинско натпреварување „А“ Дивизијата, ќе има и селекцијата „Под 16“ години која на свој терен, во Скопје (12-20.август), ќе се обиде да направи што е можно подобар резултат.
Црна Гора го зазема местото на Русија на Евробаскетот 2022
Сениорската репрезентација на Црна Гора ќе учествува на Европското првенство што ќе се одржи претстојното лето, како замена за Русија која е дисквалификувана поради војната во Украина. Образложението на ФИБА е дека оваа селекција има најдобар биланс (3/3) од националните селекции кои преку квалификациите не успеаја да обезбедат пласман на Евробаскетот.
Согласно со ждрепката, Црна Гора ќе игра во групата „А“, во Тбилиси, во која се уште и репрезентациите на Шпанија, Турција, Грузија, Белгија и Бугарија.