09.09.2020

По едногодишниот престој во Шпанија, нашата млада репрезентативка се врати во Италија

Матеа Николиќ одново ќе гази на „чизмата“, сега во дресот на Молисана Магнолија Кампобасо

Една од нашите најталентирани млади кошаркарки, Матеа Николиќ, во следната сезона повторно ќе настапува во еден клуб од Италија. И тоа прволигашки, се вика Молисана Магнолија Кампобасо.

На официјалниот сајт на овој италијански прволигаш, освен она „добредојде“ стои дека станува збор за „продукт“ на уште еден италијански клуб, Стела Азура Рома, каде што членот на македонската женска сениорска репрезентација се промовирала во стандарден првотимец.

Но и тоа дека во минатата сезона, сега веќе 18. годишната Матеја Николиќ била „свежо дополнение“ за членот на шпанската „Ендеса“ лига, Енсино Луго, каде имаше свое место во тимот „Под 18“ години, но и во оној сениорскиот.

На претставувањето, Молисана Магнолија Кампобасо ја спореди младата, 195.сантиметри висока Македонка, со Катарина Полини, една од најдобрите италијански кошаркарки кои биле дел од овој клуб.

И што е уште поважно, ова е добра вест за селекторот на нашиот женски сениорски национален тим, Владимир Ѓоровиќ, кој за следниот квалификациски циклус ќе ја има на располагање одличната кошаркарка, и тоа во полна натпреварувачка форма.