11.05.2020

По годините поминати во дресот на Стела Азура, Матеа Николиќ оваа сезона беше составен дел од екипата на Дуран Макинариа Енсино од Луго

МАТЕА НИКОЛИЌ: Преселбата во Шпанија беше вистински потег и голем предизвик за мене!

Важи за кошаркарка која треба да „ја држи“ македонската женска сениорска репрезентација во наредниот период. Важи и за интернационалец, веќе неколку години, која како што вели, по играњето во Италија се одлучи да премине во Шпанија.

И признава дека не погреши...

По деновите поминати во дресот на Стела Азура, Матеа Николиќ оваа сезона беше составен дел од екипата на Дуран Макинариа Енсино од Луго. Стабилен шпански прволигаш, член на женскиот дел од „Ендеса“ лигата, кој во моментот на прекинот поради појавата на корона вирусот во Шпанија беше во средината на табелата, со половичен ефект од 11 победи и исто толку порази во 22 одиграни кола.

За жал, оваа сезона остана недовршена. Коронавирусот ги прекина сите натпреварувања во Шпанија. Што правиш, како се снаоѓаш, како ги поминуваш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата?

Моментално правам сè што е во мои раце за да останам во што е можно подобра форма.

Како си задоволна од оваа сезона, која за жал, поради пандемијата заврши порано од планираното?

Од оваа сезона сум прилично задоволна. И можам да кажам дека е големо искуство да се биде дел од екипа која се натпреварува во првата шпанска лига.

Како се снајде по преселбата од Италија во Шпанија?

Мислам дека преселбата од Италија во Шпанија беше направена во вистинско време и морам да напоменам дека ми беше еден од најтешките предизвици до сега.

Не го „одработи“ како што посакуваше Европското првенство од „Б“ Дивизијата?

Европското првенство кое се одржа во Скопје, мене лично како играч, ми остави најголем впечаток досега. Иако се повредив на самиот почеток и иако не бевме во полн состав за да одговориме на предизвикот сите заедно, сепак покажавме дека и во најтешките моменти можеме да излеземе на крај со противникот. Се надевам дека оваа генерација ќе добие уште една шанса за да покаже што навистина знае.

Наскоро треба да бидеш и една од носителките на играта на сениорската репрезентација на Македонија. Како се чувствуваш како една од најмладите во сениорскиот состав?

Македонската А селекција секогаш ќе биде голем предизвик за мене и секогаш ќе ми претставува големо задоволство да бидам од тимот и во иднина“.

Како понатаму, кои се твоите идни планови?

Сè уште немам размислено каде ќе продолжам да се школувам и каде да играм. Но мислам дека кога ќе дојде до вистинскиот момент, ќе ја донесам правилната одлука- порачува Матеа, пред да продолжи со онлајн школувањето на малку поинаков „шпански начин“.