Матијас Екхоф одвои дел од своето драгоцено време непосредно пред последниот, шутерски тренинг на репрезентацијата на Норвешка во салата „26.април“ во Гевгелија каде вечерва следува натпреварот од третото коло од групата „Д“.
Селекторот на Норвешка потенцира неколку важни работи пред овој натпревар:
„Имаме млад тим, но оптимисти сме за овие квалификации, ако ги земеме в предвид резултатите од последниот прозорец. Сепак, спортот е различен, Македонија има силна кошаркарска култура, добија и Американец Ти-Џеј Шортс кој им фалеше на местото на Ненад Димитријевиќ, за кого сметам дека е голема загуба што не игра на овој натпревар. Не знам дали ќе биде новиот Бо Мекејлеб за Македонија, но навистина уживав во македонската кошарка, посебно во Литванија, таму имаше одличен тим“.
Екхоф е умерен оптимист пред вечерашниот дуел во Гевгелија:
„Се надевам дека ние ќе продолжиме да градиме она кое го имавме претходниот ‘прозорец’ и да се натпреваруваме. Знам дека ова ќе биде здодевен одговор. Но бараме начин да бидеме компетитивни и како може да играме на ова ниво. Знаеме дека сме помала кошаркарска нација, но сакам голема борба од играчите. Се надевам дека ќе бидеме добри како и на претходните две средби. Но, ќе видиме како играчите ќе го доживеат тоа. Македонија е добар предизвик за нас, знаат како да играат, посебно во онаа ‘пик-ен-рол’ игра“.
Дали шутот за три е нашето оружје?
Понекогаш, но не секогаш! Мора да нè послужи во серија од мечеви. Се надевам дека во оваа сала ќе има добра атмосфера на која ќе може да одолееме. Убаво е кога играме против подоброрангирани противници од нас, тоа ѝ е потребно на норвешката кошарка“- вели предводникот на Норвешка во пресрет на средбата во салата „26.април“ во Гевгелија, која стартува од 19.часот, со пренос на Sportklub HD.