Ненад Димитријевиќ, за жал, нема да биде во можност да биде дел од нашиот национален тим за потребите кои со себе ги носат ноемвриските квалификации односно турнирот кој од 28. до 30. ноември, ќе се одржи во Талин.
На барање на спортскиот директор на нашите национални селекции Тодор Гечевски, во текот на вчерашниот ден Димитријевиќ беше детално прегледан на Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје.
По комплетирањето на медицинските резултати, препораката на докторите е Ненад Димитријевиќ да продолжи со опоравувањето по прележаниот коронавирус. И дека во овој момент не може максимално да тренира и да се натпреварува на највисоко ниво.
„По вчерашните детални прегледи кои Ненад Димитријевиќ ги направи во клиниката ‘Жан Митрев’ во Скопје, препораките на медицинските лица кои ги реализираа, се дека дека во овој момент, тој не е во можност максимално да тренира и да се натпреварува, и да одговори на барањата и пред сè, напорите кои со себе ги носат патувањето до Талин, тренинзите и одигрување на два натпревари во така краток временски период. Особено што, како што потенцираа докторите, Димитријевиќ се враќа по прележувањето на вирусот Covid-19, а поради кој мораше да има дополнителен лекарски, односно болнички надзор во период од две недели“- појаснува спортски директор на нашите национални селекции.
Гечевски уште еднаш сака да потенцира дека здравјето на нашиот млад репрезентативец е пред било кој настап, тренинг или играње на некој натпревар.
„Од тие причини, а првично, пред сè, поради здравјето на Нено, нормално и во интересот на македонската репрезентација, чиј дел треба да биде во наредните 10-15 години, ние како раководен тим во федерацијата, заеднички одлучивме дека тој не треба да патува. Туку дека под лекарски надзор, полека треба да им се враќа на оние нормални спортски, кошаркарски активности, за да дојде во ситуација повторно да биде оној што беше пред да дојде во ваква ситуација која ја предизвика коронавирусот. Да тренира и игра најдобро што знае и умее“- потврдува Гечевски за оправданото отсуство на младиот бек од турнирот во Талин.