Кошаркарката на евролигашот УСК Прага, Мерит Хемпе ќе биде нов член на нашата женска репрезентација во продолжението од квалификациите за женскиот Евробаскет 2023.
Искусната кошарка, родена на 27.јули во 1994 година во Фредериксбург, во САД, која со своите 193. сантиметри игра на крилната позиција, доби македонско државјанство, момент кој овозможува да игра како натурализирана кошаркарка за нашата најдобра женска селекција.
Хемпе, иако има 28. години, важи за доста искусна интернационалка, која по завршувањето на Универзитетот Џорџија, каде во сениорската сезона имаше просечни 9.6 поени и 6.1 скока, премина во Европа.
Во сезоната 2016/2017 за свој прв клуб на Стариот континент го одбра германскиот Кемниц, каде на 22.натпревари дојде до просек од 18.2 поени и 8.6 скока за просечно одиграни по 31.минута по натпревар.
Следната станица во нејзината кариера беше Русија, поточно Казаночка. Ќе го памети престојот во клубот од Казан по 24.одиграни натпревари и просек од 9.2 поени и 3.3 скока.
Ладната Русија, Мерит ја замени со играње во топлата Шпанија.
Остана четири сезони, во првата 2018/2019 беше дел од екипата на АЕ Седис (просек од 11.4 поени и 4.6 скоа), потоа и на Ман Филтер, каде забележа 12.1 поени и 7.скока. Се задржа една сезона, а во онаа наредната потпиша договор со Енсино, каде исто така имаше доста добри бројки во статистиката. Реализираше по 14.5 поени и 4.2 скока, што беше добра препорака да премине во Сарагоса.
Тука новата Македонка се задржа најдолго, поточно до средината на октомври. Игрите во црвениот дрес ги заокружи со просечни 14.3 поени и 5.3 скока, пред да прифати уште еден предизвик.
Да заигра и во ФИБА Евролигата, но како кошаркарка на најдобриот чешки женски колектив, УСК Прага. Во новиот дрес веќе одигра два натпревари, каде веќе почна да ги потврдува своите квалитети, со просечни 13. поени и 5.1 скока.
Хемпе ќе биде дел од нашата најдобра женска селекција за она што следува на крајот на ноември. Квалификациските натпревари од групата „А“, против селекциите на Белгија и на Германија.
На 24.ноември, во Леувен, играме проти Белгија, а три дена подоцна, на 27. ноември, во СРЦ „Кале“ во Скопје, ја дочекуваме репрезентацијата на Германија.