07.03.2024

По „Прирачник за кошаркарско судење“, судискиот двоец со едиција на уште една кошаркарска „лектира“  

Милојевиќ и Мијалковски ја промовираа новата книга „Механика за тројца кошаркарски судии“

Александар Милојевиќ и Иван Мијалковски не застануваат. Некогашниот македонски интернационален судија со знакот на ФИБА, а сега комесар за натпреварување во Македонската кошаркарска федерација, и  неговиот колега „по струка“, кој е дел од македонските арбитри кои се на активната листа на ФИБА, стигнаа да направат уште еден кошаркарски прирачник

По издавањето на „Прирачникот за кошаркарско судење“, Милојевиќ и Мијалковски креираа нешто што би можело да се нарече продолжение, а го насловија како „Механика за тројца кошаркарски судии“...

„Иднината на кошаркарското судење е во механиката со тројца судии. Основното поставување и движење на теренот за игра, администрирање грешки и прекршоци и другo, се работи кои треба да се учат, знаат и почувствуваат. Механиката на кошаркарското судење е впрочем како возење на автомобил. Нема да знаеме да возиме автомобил, ако имаме само теоретско познавање, а немаме возачко искуство“...

Како што потенцираа, во оваа нивна втора книга, со свои текстови се присутни луѓе од кошарката, како Панче Милевски, долгогодишен кошаркарски тренер, Миливоје Јовчиќ, еден од најдобрите европски и светски кошаркарски судии, потоа Бојан Живковиќ, фитнес и кошаркарски тренер, специјалист за кондициска подготовка, како и Војислав Синадиновски, биолог  и нутриционист, фитнес и кондициски тренер.

На промоцијата, во улога на рецензенти зборуваа најдобрите македонски и светски ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, а свое видување даде и еден од нашите најдобри фудбалски судии со знакот на ФИФА, Александар Ставрев.

Присутните, а ги имаше во голем број, на промоцијата имаа можност да ја купат книгата „Механика за тројца кошаркарски судии“, по цена од 300 денари, а авторите порачаа дека собраните средства од продажбата ќе бидат донација, односно финансиска помош потребна за лекувањето на Леонид Индов.