02.07.2021

Селекторот Тони Симиќ го чека само уште Данаил Иванов, кој има школски обврски во Словенија

Миловановиќ, Зекири и Данаиловски се приклучија на подготовките на селекцијата „Под 20“ години

Машката селекција „Под 20“ години од пред некој ден работи во полн состав. На тренинзите во Скопје, непосредно по враќањето од Маврово, каде беше одработен првиот дел, се приклучија тројца доста важни кошаркари во овој состав.

„Со нас се и Марко Миловановиќ, Лејсон Зекири, а од пред некој ден и Павел Данаиловски“ – вели селекторот Тони Симиќ. „Поради школски обврски го немаме Иванов. Очекуваме скоро да се врати од Словенија, за да се екипираме пред она што ни следува – првите контролни натпревари“.

Овој викенд, поточно на 4. јули оваа наша селекција ја чека и првата проверка. Во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, од 20.часот, ќе се сретне со комбинирана универзитетска селекција од САД. А потоа следуваат и дуелите против соодветните селекции на Украина и на Бугарија, кои ќе бидат наши гости до 9.јули.

„Овие натпревари ќе ги сфатиме како натпреварувачки. Кога го говорам тоа, мислам дека за секој натпревар ќе играме со 12.кошаркари, иако на подготовките имаме неколку повеќе. Секако, ќе комбинираме, ќе ги провериме сите кандидати за националниот дрес. Можно е до почетокот на натпреварите списокот да биде пократок за некое име. Ќе видиме“- вели Симиќ.

ФОТО: Лука Савиќевиќ (лево) се жали на повреда

Извесно е дека овој дел од подготовките ќе (по) мине без Лука Савиќевиќ.

„Тој има проблеми со препонскиот дел. Лекарите советуваа мирување, што е и основна рехабилитација за таков вид на повреда. Сметаме на неговите услуги, но тука последниот збор ќе го имаат докторите. Извесно е дека нема да игра на турнирот во Скопје“- потврдува селекторот за отсуството на еден од носителите на играта на У20 селекцијата.