17.02.2020

МИНИ-АНАЛИЗА НА СЕЛЕКТОРОТ АЛЕКСАНДАР ТОДОРОВ: Доста корисен тест за сите нас

Нашиот национален тим успешно ја реализираше првата и единствена проверка во подготвителниот период...

 

Како дел од планот на подготовките за она што следува на 20, односно 23. февруари, односно првите дуели од квалификациите за ЕП 2021, нашиот сениорски национален тим ја имаше првата „контрола“ на сработеното во изминатиот период.

Во плановите на селекторот Александар Тодоров и неговите соработници беше одигрување на еден контролен натпревар. А во улога на спаринг-партнер во неделата навечер во А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, беше второпласираната екипа во Првата лига - Гостивар.

„Благодарност до раководството, стручниот штаб и играчите на Гостивар кои ја прифатија нашата сугестија, дојдоа во Скопје за да спарингуваме во овие 40.минути“- потенцира Тодоров, по успешно реализираната замисла.

Минути во кои Тодоров сакаше и ги испроба сите 15. кандидати за националниот тим кого за неколку дена, на 20. февруари (четврток), го очекува и првиот меч од „Б“ квалификациската група, против селекцијата на Естонија.

„Оваа проверка беше планирана уште во оној првичен план на подготовките. Со оглед на зафатеноста на репрезентациите во нашето опкружение, се решивме на ваква варијанта. Гостивар има тим кој може идеално да парира, со оглед на тоа што зад нас се само неколку тренинзи. Затоа сето ова може да го оценам како доста корисен тест во кој можев да видам до каде сме, до кое ниво на подготвеност сме пред оваа недела, и тоа како важна за сите нас“- дополнува предводникот на нашиот национален тим.

Тодоров не сака да дава поединечни оценки на „одработеното“.

„Нема потреба за такво нешто. Информациите ги задржуваме за себе, во насока на креирање на оние следни чекори, и планираното за финалниот дел од подготовките. Имаме уште неколку денови за тренинг пред нас. Ќе ги искористиме максимално. Видовме што и како би можело да изгледа сето тоа за она што следува во четврток, односно недела. Ќе анализираме заедно со моите соработници. Ќе се обидеме да направиме корекции во оние делови каде сметаме дека тоа може да биде и подобро. Се во насока максимално подготвени да ги дочекаме дуелите со Естонија и со Русија“- заклучува Тодоров.