23.02.2020

Мини анализа на селекторот Тодоров по поразот во Перм: Ги затворивме добрите страни на Русија

Втор натпревар, и втор пораз за Александар Тодоров како селектор на репрезентацијата на Македонија.

Во Перм покажавме многу, многу повеќе во однос на премиерата во Скопје, против Естонија, но и под Урал, забележавме пораз. Русија беше подобра за десет поени (77:67).

„Ги затворивме добрите страни на Русија, споредено со она што играа со Италија. Ние сме репрезентација на која системот ѝ се базира на шутеви за три. Потребни ни беа само три тројки за да имаме подобар резултат“.

Тодоров беше запрашан зошто нашиот тим не користи натурализиран играч на надворешните позиции, како на времето, кога во таа улога го имавме Лестер Бо Мекејлеб.

„Моја идеја е да имаме домашни играчи на оние бековски позиции, па оттука како солуција да игра на центарската е Витингтон“ -појасни селекторот Тодоров за изборот на натурализираниот кошаркар во нашиот национален тим за овој февруарски прозорец на ФИБА.

Предводникот на нашата репрезентација додаде уште нешто нa прес-конференцијата по мечот во „Молот“ арената.

„Кошарката беше спорт број еден во Македонија, сега тоа е ракометот. Се бориме да се вратиме на врвот, луѓето дојдоа, нè поддржаа со Естонија и мислам дека го препознаа тоа“.