28.07.2023

Во наредните четири дена, нашата селекција „Под 16“ години ќе ги тестира можностите против Шпанија, Грција и Израел

„Мини“ кадетски Евробаскет во Скопје

На една недела пред официјалниот почеток на Европското првенство од Дивизијата „А“ за кошаркари „Под 16“ години, нашата федерација ќе биде во улога на организатор на уште еден исклучително силен турнир. Односно една група од кадетскиот Евробаскет кој од 5. до 13. август ќе се одржи во нашиот главен град.

Од 28. до 31.јули, на ред е меѓународниот турнир во кадетска конкуренција на кој освен нашиот национален тим ќе играат и репрезентациите на Шпанија, Грција и на Израел.

Ова ќе биде и последната, но и најквалитетна проверка за избраниот тим на селекторот Александар Јованчев во пресрет на оној официјален турнир во кој на едно место ќе биде собрана европската кадетска кошаркарска елита.

Односно 16. национални тимови кои ќе се борат за титулата најдобар во Европа во категоријата на играчи „Под 16“ години.

Турнирот ќе се игра во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје (влезот е слободен), а нашите млади кошаркари ќе го отворат со дуелот против селекцијата на Израел во мечот кој е закажан за вечерва, од 18.30 часот.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

28.ЈУЛИ (ПЕТОК)

18.30: Македонија – Израел

29. ЈУЛИ (САБОТА)

18.30: Грција – Македонија

21.00: Израел – Шпанија

30.ЈУЛИ (НЕДЕЛА)

18.30. Македонија – Шпанија

21.00: Грција – Израел

31.ЈУЛИ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.30: Шпанија – Грција

*Сите натпревари се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје