Важи за еден од оние наши „Италијанци“. Дел од нашите репрезентативци кои одлучија наместо во нашите, да играат во младинските лиги на „чизмата“. Секако со надеж дека еден ден ќе ги замени со настапи во сениорска конкуренција.
А некогашниот играчот на Јуниор потоа и на Феникс 2010, ја одбра Бреша, како клуб во кој ќе ги унапреди сите свои кошаркарски знаења.
За жал, токму Италија беше најпогодена земја од пандемијата која со себе ја донесе коронавирусот. Па исто како и некои други некои негови соиграчи од националниот тим (играчи родени 2003 година), мораше порано да заврши со обврските во оваа сезона и да се врати назад во родното Скопје.
Што прави Мирослав, како ги користи овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?
„Првите неколку недели од карантинот, откако се вратив од Италија ги искористив за одмор. Денот го започнувам со рано утринско трчање. Откако ќе завршам со тоа, продолжувам со online настава, а потоа следи краток одмор. Остатокот од денот го користам за одржување на моето тело во форма и секако кошарката, колку што е можно во овие тешки денови кои ги донесе пандемијата“- вели Ѓорѓевиќ околу овој нималку посакуван момент.
За првпат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска кошарка, згора на тоа и надвор од Македонија?
„Да, чувството да играш за сениорскиот тим е едно големо искуство. За мене претставува огромна чест да сум дел од тимот. Многу сум благодарен на NBB Brescia клубот што ми го овозможи тоа. Со нив научив многу нови работи. Сепак тоа се играчи со поголемо искуство од мене. Но како што се вели ‘step by step’, сè во свое време“.
Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?
„Прилично сум задоволен од одиграниот период, но чувството да сум во сала ми недостасува. Се надевам дека сето ова ќе заврши наскоро и конечно ќе се вратам на терен“.
Поради пандемијата нема да го играте ЕП?
„Жал ми е што Европското првенство во Романија нема да се одржи. Сепак е голема чест да се игра за репрезентацијата“.
Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?
„Моите идни планови се да се вратам во Италија. Заедно со моите тимски колеги да продолжиме со повисок интензитет на работа и да се подготвиме максимално за новата сезона“- планира стандарниот член на нашата селекција „под 16“ години која својот следен настап, поради поместувањето на Европските шампионати, за една година ќе го има како селекција на јуниори.