Мирослав Ивановски, предводникот на женскиот младински тим на Крива Паланка го доби признанието за најдобар тренер во 2022 година
"Првпат во животот кога примам некое признание сум со измешани чувства и емоции. Оваа година за мене беше многу турбулентна, за неколку месеци ми се случија повеќе работи: го изгубив татко ми, а потоа со божја помош мојата сопруга Елена ми го подари најубавиот подарок во животот,синот Кристијан.
Драго ми е што ја добивам наградата токму во оваа категорија, бидејќи женската кошарка, а и женскиот спорт кај нас се на маргините и сметам дека нема повеќе време за експериментирање, туку да ги оставиме суетите на страна, сите заедно да се посветиме и да работиме за доброто на женската кошарка.
Сметам дека оваа награда е заслужена бидејќи со години наназад сме во врвот на женската младинска кошарка.

Во оваа прилика се заблагодарувам на сите кои гласаа за мене, но посебно сакам да се заблагодарам на една личност, мојот колега, соработник и пријател, Ведран Белешковски, со кој сме заедно 15 години во кошарката. Тој е најзаслужен што во Крива Паланка постои кошарката, неговата упорност и ентузијазам придонесуваат кошаркарски клуб ‘Крива Паланка’ да опстои низ годините и што стана бренд на Крива Паланка. Заедно поминавме и поминуваме низ многу тешки моменти, низ многу искушенија,но секогаш одговаравме и возвраќавме со нови успеси, награди и признанија, а најголем успех за нас е тоа што успеавме да ангажираме толку многу деца, момчиња и девојчиња со кошарката, неколку илјади дечињата од градот минаа низ кошаркарската школа низ деценија и пол и успеавме да им ја всадиме љубовта кон кошарката“- потенцираше добитникот на оваа вредна награда.
Сакам да ги поздравам и Ирена и Виктор, сите сегашни и поранешни членови на КК Крива Паланка и сите родители на дечињата, поддржувачите и спонзори на клубот, како и целото мое семејство"- гласат зборовите на благодарност на најдобриот тренер во женска младинска конкуренција.