09.11.2023

„Јас верувам дека секоја од нас ќе го даде максимумот до последната секунда“- вели капитенот пред дуелот со Португалија

Митрашиновиќ пред стартот на квалификациите: „Очекувам срце на терен и доста квалитетна игра“

Од капитенот Анџелика Митрашиновиќ секогаш се очекува најмногу, кога е овој актуелен ростер во прашање, односно, кој селекторот Александар Ашаданов го имаше и во најголем дел од минатиот квалификациски циклус.

Нашиот репрезентативен бек очекува игри налик на оние последните, со кои успеавме да дојдеме и до победа на едно гостување.

„Очекувам да одиграме две добри средби и да го покажеме квалитетот кој го прикажавме на оној натпревар против Босна и Херцеговина на гостински терен. Тоа значи борбеност, оставање срце на терен и доста квалитетна игра. Прв ривал ни е Португалија, знаеме за каква репрезентација се работи, потоа ни следи Србија. И двете селекции играат доста агресивно. Се надевам дека ќе бидеме коректни, на двете страни од теренот и ќе забележиме позитивен резултат“.

Се чини дека искуството стекнато низ оние лански натпревари ќе биде од голема полза за нашиот национален тим во овие квалификации во кои нè чекаат и натпревари против репрезентациите на Србија (на 12. ноември, во Скопје), и Украина, во оној февруарски ФИБА „прозорец“.

„Може да се каже дека сме малку поискусни во однос на минатиот циклус. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави, затоа што секоја година ни недостасува по некој играч. Сакам барем во еден циклус од квалификациите да покажеме што можеме во целост. Сигурна сум дека имаме квалитет. Против селекцијата на Босна и Херцеговина, која заврши петта на Европското првенство успеавме да славиме во последниот меч, тоа не е слаба репрезентација“.

Прв противник во овие квалификации, (вечерва, од 21.30 часот) ни е репрезентацијата на Португалија?

„Знаеме каков квалитет имаат и Португалија и Србија, но на терен  нема да излеземе со бело знаме. Се ќе биде од голема важност од тоа како ќе се поставиме во нападот, па до тоа како ќе изгледаме во одбраната. Јас верувам дека секоја од нас ќе го даде максимумот до последната секунда. Впрочем, желбата ни е секогаш да победуваме“- порачува Митрашиновиќ од далечниот Матошинос.

Инаку, натпреварот Португалија-Македонија ќе биде пренесуван на програмата на „Sportklub HD“, но и на „Youtube“ каналот на ФИБА.

Уште еднаш некомплетни – повредената Стојановска надвор од тимот

Извесно е дека нема да му се исполни желбата на селекторот Александар Ашаданов да ги имаме на располагање сите повикани кошаркарки за овој дуел против репрезентацијата на Португалија.

Еден од нашите адути и во овие квалификации за ЕП, Александра Стојановска, се пожали на повреда, oттука и мали се шансите нашиот искусен играч на надворешните позиции да биде во финалниот ростер, односно оние 12. кошаркарки кои ќе влезат во протоколот за премиерниот натпревар од квалификациите за Евробаскетот во 2025 година.

Тоа значи дека својата шанса за први сениорски минути во репрезентативниот дрес ќе чека и Клементина Модева, која е дел од селекцијата која допатува во Матошинос.   

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ-ЖЕНИ 2025

ГРУГА „Г“

ДВОЈКИ 1. КОЛО - 9.НОЕМВРИ:

18.00: Србија – Украина

21.30: Португалија - МАКЕДОНИЈА