31.05.2017

МКФ одбележува “недела на Мак-баскет“!

Македонската кошаркарска федерација за првпат во историајта ќе биде домаќин на силен меѓународен пријателски турнир во женска конкуренција. Токму со почетокот на овој турнир, МКФ ќе започне со одбележување на ’недела на мак-баскет.’ Од петок (2. јуни) започнуваат голем број на активности во македонската кошарка (покрај турнирот на сениорки) меѓу кои и четири фајналфор турнири во младинските категории ни прв официјален собир на националниот состав до 20 години.  

Македонија ќе ги нагости селекциите на Бугарија, Јапонија и на Босна и Херцеговина со кои ќе си ги одмери силите на пријателскиот турнир. Натпреварите ќе бидат одиграни во три дена, почнувајќи на 2. јуни (петок), а завршувајќи в недела, на 4. јуни.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:
2. јуни, 2017 година

18:00 часот Босна и Херцеговина - Јапонија
20:00 часот Македонија - Бугарија

3. јуни, 2017 година
17:00 часот Бугарија – Босна и Херцеговина
19:00 часот Јапонија - Македонија

4. јуни, 2017 година
18:00 часот Бугарија - Јапонија
20:00 часот Македонија – Босна и Херцеговина

Претстојниот викенд ќе се одигра и завршниот турнир од првенството во возрасната категорија на кошаркарки до 18 години. натпреварите ќе бидат одиграни во спортската сала „Шабан Трстена“ во скопската населба Чаир. Екипите на Бадел 1862 и на Пелистер ќе си ги одмерат силите во рамки на првиот полуфинален натпревар кој ќе започне во 11:00 часот додека второто полуфинале, во кое ќе се пресметаат екипите на Шкупи и на Струга 2009 ќе започне два часа подоцна, во 13:00 часот.

В понеделник и во вторник (5. и 6. јуни) во истата спортска сала ќе бидат одиграни и натпреварите од завршниот турнир од првенството во возрасната категорија на кошаркари до 18 години. Кошаркарскиот клуб Шкупи, кој е еден од учесниците на фајналфор турнирот ќе биде организатор на истиот. За учество во завршиот турнир се изборија и Работнички, Вардар и МЗТ Скопје Аеродром.

На 6. јуни, со почеток во 10:00 часоѕ во малата сала на „Кале“ ќе се одржи и првиот официјален собир на националната селекција до 20 години која оваа година во периодот од 14. до 23. јули ќе се натпреварува на Европското првенство (Дивизија Б) во Орадеа, Романија.

Наредната среда и четврток (7. и 8. јуни) Феникс 2010 ќе биде организатор на завршниот турнир од возрасната категорија до 14 години. За шампионската титула, покрај организаторот на турнирот, ќе се борат уште и Партизан Водно Санс, МЗТ Скопје Аеродром и Вардар. Натпреварите ќе бдиат одиграни во спортската сала „Методија Андонов-Ченто“. Првото полуфинале е на распоредот во 17:30 часот додека второто ќе започне во 20:00 часот.

Неделата на мак-баскетот ќе биде комплетирана со завршниот турнир во возрасната категорија до 16 години во машка и во женска конкуренција. Турнирот во машка конкуренција ќе се одигра на 9. односно на 10. јуни додека женскиот на 10. и на 11. јуни.

Со одигрување на овие натпревари ќе биде заокружена неделата на мак-баскетот која всушност ќе трае нешто повеќе од седум дена. Зошто да не - кој не би сакал повеќе денови исполнети со кошарка?!