17.05.2017

МКФ продолжува да лета кон височините – со Turkish Airlines

Кога две договорни страни имаат иста цел – да се биде во височините; едните на спортски начин, другите – буквално, тогаш очекувано е взаемната соработка да не биде прекината. Па така, авиокомпанијата „Turkish Airlines“  ќе биде дел од тимот на Македонската кошаркарска федерација уште една година откако беа комплетирани сите документации за конечно парафирање на договорот кој беше потпишан помеѓу претседателот на МКФ, Петар Наумоски и Генералниот директор на авиокомпанијата во Република Македонија, Пинар Ајваз Арикан.

Во изминатите две години, колку што турската авиокомпанија е соработник на македонската куќа на кошарката, соработката се одвиваше на највисоко ниво. Токму поради тоа, двете страни без многу дилеми ја обновија својата соработка на уште 365 дена.

„Некое време разговаравме со претставниците на „Turkish Airlines“, но поголемиот дел од разговорите се водеа за ’дотерување’ на детали од договорот. Несомнено беше дека соработката ќе продолжи бидејќи и тие, како и ние се задоволни од меѓусебната соработка и професионалниот однос. Ние сакаме да им го пружиме најдоброто на нашите репрезентативци и сметам дека го правиме токму тоа со задржување на една одлична компанија како дел од нашиот тим“ – истакна претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, при потпишување на договорот.

Турската авиокомпанија функционира на просторите на Република Македонија речиси 19 години, а како докажан пријател на македонската кошарка ја започнува својата трета година. Во својот широк асортиман на понуди, Turkish airlines на своите потрошувачи им нуди 275 различни локации ширум светот, а во последните шест години го задржа статусот како водечка авиокомпанија и прв избор на патниците во Европа.