01.08.2025

„Мечот со Романија ќе биде голем празник на кошарката“ - вели потпретседателот пред утрешната премиера во претквалификациите

Младен Ѓуроски:„Тука сме сите за да го дадеме својот максимум“

Пред утрешниот натпревар против Романија, закажан за 20.часот, во спортската сала во Куманово, потпретседателот на Македонската кошаркарска федерација, Младен Ѓуроски потенцира дека ова е ново поглавје во македонската кошарка и присутните претставници на медиумите на прес-конференцијата во спорттската сала во Куманво, и јавноста во нашата држава, ги замоли за трпеливост:

„Би сакал да истакнам дека ова е ново поглавје во македонската кошарка. Замолувам за трпеливост затоа што резултатите нема да изостанат во иднина“.

Ѓуроски кажа дека раководството на нашата федерација дава максимална поддршка на селекторот Марјан Илиевски и кошаркарите, а воедно се трудат и да им ги обезбедат најдобрите услови за работа:

„Селекторот и момците ја имаат нашата поддршка, се надевам дека им обезбедивме добри услови за подготовка. Што се однесува до натпреварот, се надевам дека ќе биде празник на кошарката и полна сала. Резултатскиот императив во моментов не го гледаме како предизвик, тука сме сите за да го дадеме својот максимум“ - потенцираше Ѓуроски.