17.06.2021

Нашиот национален тим „Под 20“ години во наредната седмица ќе го одработи оној „висински“ дел од тренажниот процес

Младинците продолжуваат со подготовките во Маврово

По уводните тренинзи и реализираните медицински прегледи, нашата машка селекција „Под 20“ години, од денеска ја почнува втората фаза од подготвителниот период.

Во наредните седум дена, 15. кошаркари под водство на селекторот Тони Симиќ и неговите асистенти Никола Велев и Нермин Пепиќ, ќе ја продолжат работата во Маврово.

„Зад нас се скоро седум работни денови во кои и ‘одработивме’ оние задолжителни медицински прегледи, ја снимивме моменталната форма кај играчите кои се појавија на подготовките. Имаме нешто појасен увид во нивната физичка подготовка, која сакаме да ја подигнеме на едно повисоко ниво во наредниот период. Од денеска го почнуваме оној втор дел, односно заминуваме за Маврово, каде во наредните седум дена ќе се обидеме да дојдеме до уште подобра ‘физичка слика’. Во Скопје остана Бранко Шуменковски, чија повреда бара подолга рехабилитација. Ја следиме ситуацијата со Јакимовски, со Миловановиќ, кои имаат здравствени проблеми. Очекуваме скоро да ни се придружи Данаиловски, очекуваме информации од Зекири“ - констатира селекторот на овој наш национален тим кој ова лето ќе биде дел од „Челенџерот“ кој во периодот од 20. јули до 25. јули, ќе се игра во Шопрон (Унгарија).

Утринава, на пaт кон нашата планинска убавица, заминаа сите кошаркари кои во овој момент ги има на располагање селекторот Симиќ:

Лука Савиќевиќ, Андреј Андоновски, Дарио Митевски, Виктор Исајловски, Марко Величковски (КК МЗТ Уни Банка), Богдан Мирковски (Мантова-Италија), Давид Наумовски, Јован Цветков (КК Водно санс Партизан), Тодор Златев (КК Еуро Никел 2005), Љубиша Димитровски, Никола Груевски, Филип Ѓорѓиев (КК Навико Академија ФМП), Данаил Иванов (КК Вардар), Кристијан Столевски (КК Гостивар) Таулант Ибраими (САД)