25.06.2025

Во првиот меч од подготовките одигран на домашен паркет, со подобар финиш, младинската селекција на Македонија го совлада Косово (71:59)

Младинците стигнаа до првата победа, беа подобри од Косово

Машката селекција „Под 20“ години го одигра и првиот контролен натпревар на домашен паркет во овој подготвителен период. По гостувањето во Романија, вечерва во Скопје, гостуваше младинскиот состав на Косово. По три изедначени периоди, македонските младинци беа подобри во последната, која се покажа и како решавачка за победникот.

МАКЕДОНИЈА (У20-МАЖИ) – КОСОВО (У20-МАЖИ) 71:59

Гостите од Косово подобро го отворија натпреварот. Поведоа со (6-0), но тоа беше и најголемата предност во првите десет минути од „контролата“ во СРЦ „Кале“.

Нашите младинци стигнаа брзо до егал резултат, по неполни шест минути беше (11:11), а веќе во следниот напад и поведоа (13:11). А седумте поени во серија на Иванов, значеа и нерешен скор по истекот на првиот период (20:20).

На почетокот на вториот, Македонија го имаше своето најголемо водство (25:20). Но противникот брзо се консолидира, стигна до нерешен резултат (27:27). Уште еднаш, по мини-серијата од пет поени, поведовме со (32:27), но тука некаде и подзастанавме.

Косово направи контра-серија од (10-0), доволна за да го преземе водството и на полувреме да има позитивен резултат (39:36).

Стојковиќ со 15, и Иванов со 9. реализации беа најефикасни во нашата селекција „Под 20“ години во првите 20.минути.

Имаа гостите и повисоки (44:38) во воведните минути од третата четвртина. Но уште еднаш нашите момци успеаја да се вратат, и да поведат, сега со (47:45), макар и на кратко. Но се покажа и како доволно со позитивен резултат да ја затворат периодот број 3, (55:53).

Одлично ја започнавме четвртината на одлука, или „преведено во бројки“, за шест минути направија момчињата на селекторот Горан Самарџиев, парцијално (11-4), доволно за највисокото водство на „контролата“ (66:57).

Но не се задоволија со тоа, имавме и двоцифрен плус (68:57) на нешто помалку од четири минути до крајот.

Практично, го „закочивме“ ривалот на тие 57 поени, во меѓувреме ние дојдовме до 70, кога беше и решено прашањето околу победникот на овој пријателски натпревар, кој Стојковиќ го заврши со 19.реализации, Ќириловски имаше 10, исто колку што постигна и Иванов.  

За два дена, односно во петок, во Качаник, двете селекции ќе одиграат уште еден пријателски натпревар.