Младинците го одиграа и првиот натпревар на домашен терен. По нерешениот исход на гостувањето во Подгорица, против Црна Гора, нашата машка селекција „Под 20“ години вечерва во СРЦ „Кале“ во Скопје ги одмери силите со своите врсници од Холандија.
МАКЕДОНИЈА (У20-МАЖИ) – ХОЛАНДИЈА (У20-МАЖИ) 65:49
На само неколку дена пред почетокот на Европското првенство од Дивизијата „Б“, машката селекција на Македонија за играчи „Под 20“ години одработи уште една „контрола“.
Во Скопје гости ни беа младите кошаркари на Холандија, еден од учесниците на турнирот кој стартува на 7. јули во нашиот главен град.
Имавне навистина добар почеток, уште во првите десет минути изградивме предност од десет поени (19:9). Но на средина на втората четвртина, резултатот веќе беше изедначен. Двете селекции имаа по 22 поени. Се одвоивме по втор пат, со мини серија од шест поени, за (28:22), за првото полуврмее да го затвориме со нешто пониски (31:27).
Во продолжението на мечот, поведовме со (40:27), и тука некаде – застанавме.
Холанѓаните го искористија нашиот „празен од“, кога се во прашање поените. Направија голема серија од (16-1), со која дури и го преземаа водството. На истекот на третата четвртина, гостите поведоа со (43:41).
Бошалески, со точен обид за три поени, сепак ја врати предноста на нашата страна (44.43) како најава за интересна последна четвртина од овој тест.
Но за да не биде „интересна“ се погрижија нашите млади кошаркари. И тоа со серија од (11-0) со која одново имавме двоцифрена разлика. По поентирањето на Симиќ бевме на плус 14, (57:43) кога се играше 36.минута.
Недостижно за младинскиот соства на Холандија...
Теодор Симиќ го предводеше нашиот тим (иако беше во ростерот, Андреј Митревски доби поштеда) во листата на стрелците. Реализираше 18.поени, а имаше и осум скока. Бошалески постигна 12 (уфрли четири тројки), а блиску до двоен ефект беше капитенот Хот, кој на седум поени додаде и десет скока.